Турски медиуми: Озил влегува во политика како дел од партијата на Ердоган

од Nikola Popovski

Мезут Озил штотуку ја заврши својата блескава фудбалска кариера, а очигледно веќе започнува уште една – во политиката. Како што јави германски „RTL“, повикувајќи се на турскиот портал „Хабер7“, владејачката партија АКП на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го испраќа поранешниот германски играч во трката како кандидат за парламентарните избори што ќе се одржат на 14 мај.

Ердоган неодамна најави дека на списокот со кандидати на АКП ќе се појават „изненадувачки“ имиња, меѓу кои и еден од светот на спортот.

Озил и Ердоган долго време имаат добри односи, турскиот претседател беше дури и кум на свадбата на некогашниот сјаен фудбалер во 2019 година. Незаборавна е и „фото“ аферата во пресрет на СП 2018 кога Озил и германскиот репрезентативец, Илкај Гундоган се фотографираа со Ердоган и со дресовите на тогашните клубови.

Фотографијата одекна пред Мундијалот во Германија, Озил експресно не се огради од неа и не сакаше целата работа да се сфати како политичка изјава.

По неуспехот на Светското првенство во Русија, Озил се повлече од репрезентацијата и го обвини тогашниот претседател на Германскиот фудбалски сојуз Рајнхард Гриндел за расизам.

Од друга страна, Ердоган владее со Турција преку различни функции од 2003 година.

Парламентарните и претседателските избори во Турција ќе се одржат на 14 мај. Партиите оваа недела мора да ги достават своите листи со кандидати за парламентот, а според истражувањата, шестпартискиот опозициски сојуз со нивниот заеднички кандидат Кемал Киличдароглу има добри шанси да го собори претседателот Реџеп Таип Ердоган по 20 години на власт.

Слични содржини