ТВ 21: Нашето име на првиот список на владата е грешка, сите вработени се исплатени без никакви кратења

од Nikola Popovski

ТВ 21 излезе со реакција на списокот, кој што го објави Владата на С.Македонија за компаниите кои добиле државна помош поради Ковид-19, но парите не ги исплатиле на своите работници.

На првиот список кој беше објавен, а потоа ажуриран и поправен, се најде и името на ТВ21. Од телевизијата тврдат, дека сите плати на секој вработен се исплатени и покрај тешкотиите со кои се соочиле во функционирањето поради Ковид 19, за што имаат и докази.

„Тоа можат да го посведочат, се разбира банкарските трансакции, но и самите вработени. ТВ21 најодговорно тврди дека платата за месец април 2020 е исплатена во месец, мај, потоа платата за месец мај 2020 е исплатена во јуни, а платата за месец јуни е исплатена во месец јули. Воедно започна и предвремена исплата и за платата за месец јули. За ова секако се свесни и го знаат сите вработени, бидејќи платите ги добиле на своите трансакциски сметки. Единствено ТВ21 доцнеше со исплатата на здравственото и пензиското осигурување, но и тие обврски во изминатите денови се реализирани. Но, сепак уште еднаш потенцираме дека платите на сите вработени, без кратења и без намалувања се исплатени. ТВ21 брои 90 вработени, а годишно кон државата исплаќа 500 илјади евра давачки“, стои во реакцијата на телевизијата.

Слични содржини