Вакцинираните граѓани ќе добијат сертификат

од Берта Китинска

Имунизацијата во земјава ќе започне со кинеската вакцина Синофарм, први кои ќе бидат вакцинирани ќе бидат медицинските работници и сите лица над 70 години.

Матичните лекари ќе закажуваат вакцинирање против ковид-19 преку „Мој термин“, а идната недела ќе биде објавена веб-страница на која граѓаните ќе може електронски да се пријават.

Оние граѓани кои нема да сакаат да примат одредена вакцина во закажаниот термин , ќе може да се откажат од вакцинирањето и да закажат повторно вакцинирање.

-На дневно ниво, од вакцината на Синофарм и со работа на пунктовите во полн капацитет очекувам да вакцинираме од 2000 до 2500 граѓани. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза, веднаш ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими по 21 ден, што значи дека од првата пратка имаме две дози за вакцина и ревакцина за 100.000 лица. Записот за спроведена вакцинација станува дел и од електронското здравствено досие на пациентот.И секој кој што ќе биде вакциниран ќе добие сертификат, Термините помеѓу вакцинацијата ќе бидат на 10 минути, рече Филипче.

Министерот за здравство информираше дека во понеделник ќе го потпише договорот со Синофарм, кинескиот производител на вакцини против КОВИД-19. Вакцината ќе стигне преку воздушен пат, а системот е подготвен да ги преземе вакцините од аеродром, складира и соодветно дистрибуира до вакциналните пунктови. Вакцината Синофарм се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени што го олеснува начинот на транспорт, чување и дистрибуција.

Слични содржини