(ВИДЕО) 360˚ Како помина изборната ноќ во штабот на Гордана Силјановска-Давкова

од desk4

Подмладокот на ВМРО ДПМНЕ уште попладнето беше собран во и пред партиското седиште во поддршка на кандидатката Гордана Силјановска-Давкова.

„Буквално ја напушта досегашната криминогена политика, ретроградна политика што не враќа во минатото и дава нешто што ќе не придвижи напред.“ – рече Светислав Васев од УМС на ВМРО ДПМНЕ.

Меѓу првите дојде, а и брзо замина Оливер Андонов, еднодневниот министер за внатрешни работи во техничката влада.

„Слаба излезност само.“ – кратко прокоментира Андонов.

Нискиот одѕив не го вознемири лидерот Христијан Мицкоски.

Слушнавме зборувавте за бројки. Имате веќе некои резултати?

„Да.“

Што очекувате?

„Ќе почекате на прес, извинете.“

Каква е излезноста? Слаба?

„Задоволителна.“ – рече Мицкоски.

Пратеникот Антонијо Милошоски, кој пристигнаа со колегата Трајко Вељановски, имаше свое објаснување за ниската излезност.

„Кога има двојни избори интересот е поголем. Ние и сугериравме на актуелната владејачка коалиција да направат претседателски избори со предвремени парламентарни избори, но ниту за Заев, ниту за Ахмети тоа не беше прифатливо.“ – изјави Милошовски.

Речиси паралелно со крајот на гласањето се појави и кандидатката Силјановска-Давкова. Според неа, слаба излезност имало само во албанските средини, иако Блерим Река бил одличен кандидат.

„Јас ги разбирам албанските гласачи иако мислам дека овој пат имаше еден извонреден албански кандидат каков што сме немале ние на изборите. Ерудит, елоквентен, граѓански ориентиран и јас имам дилема зошто не препознаа во него човек кој нема да ги претставува само Албанците, туку граѓаните.“ – рече Силјановска-Давкова.

Во прес-центарот, младите на ВМРО ДПМНЕ не ги загрижуваше тоа што резултатот од ДИК постојано покажуваше дека Пендаровски е во благо водство.

Но, откако генералниот секретар Игор Јанушев констатираше дека ВМРО победува, прес центарот се испразни, а славењето се префрли пред „белата палата“.

Главна ѕвезда беше Александар Трајковски, кој зеде боледување за да го посети пребеганиот екс-премиер во Будимпешта.

Ако имаш можност уште една да го посетиш Груевски, што ќе му пренесеш од вечерашната атмосфера?

„Тоа не е тема вечерва. Вечерва има тема – победи македонскиот народ. Македонија победи, а Груевски не е тема. Победи Македонија вечерва, тоа е тема. Падна режим, со пенкало оборивме хунта.“ – рече Трајковски.

Прес-центарот повторно се наполни за обраќањето на Силјановска-Давкова и Мицкоски.

Убавите зборови за Блерим Река продолжија и на пресот со уште поотворено кокетирање со неговите гласачи. Тоа не беше тешко да го разберат и поддржувачите на Силјановска-Давкова.

„ВМРО ДПМНЕ е морален победник. Заено со гласовите на господинот Река има водство од преку 80 илјади гласа.“ – рече симпатизер на партијата.

„По сето ова што се случи во Република Македонија, ова е очекуван резултат.“ – рече симпатизер на партијата.

Иако победнички расположени, поддржувачите не останаа да слават. Просторот пред партиското седиште брзо се испразни.

Извор: 360 Степени

Слични содржини