(видео) Хрватскиот Уставен суд до Милановиќ и СДП: Веднаш престанете или ќе ги поништиме изборите

По предупредувањето што му го испрати Уставниот суд, Милановиќ се јави со кус коментар во пост на „Фејсбук“:  „Доаѓаат реките на правдата!“

од Бети Божиноска

Хрватскиот Уставниот суд денеска заклучи дека претседателот Зоран Милановиќ не смее да учествува во политички активности на ниту една политичка партија додека ја врши актуелната функција, најави претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ, пренесува хрватски „Индекс“.

Со тоа се исклучува секаква можност Милановиќ во контекст на парламентарните избори да биде кандидат на листата за избор на пратеници или да биде предложен за кандидат за премиерската функција и да учествува во политичката изборна кампања во тоа својство, заклучи Уставниот суд.

Оттаму додаваат дека кандидатурата на Милановиќ додека ја извршува функцијата претседател, на списокот на која било политичка партија или независна листа за избор на пратеници во хрватскиот Сабор и истакнување како кандидат за премиер или некоја друга функција е некомпатибилна со неговата уставната положба и овластувања и со принципот на поделба на власта.

Ако, врз основа на неговите изјави, Милановиќ  се појави во јавноста како иден кандидат за премиер се или кандидира за избори во хрватскиот Сабор додека ја извршува претседателската функција, мора веднаш да поднесе оставка до претседателот на Уставниот суд , во кој случај должноста привремен претседател на Републиката, согласно Уставот, ја презема претседателот на хрватскиот Сабор.

Во таков случај, ниту привремениот претседател на Републиката не може истовремено, покрај извршувањето на таа функција, да биде и кандидат за избор во хрватскиот Сабор.

„Претседателот е непартиско лице и не смее да учествува во партиски активности. Не смее да  биде на листата ниту да биде кандидат,“ дециден е Уставниот суд.

Имајќи ја предвид настанатата уставно-правна состојба, Уставниот суд нагласува дека целокупниот изборен процес на овие парламентарни избори, од нивното распишување до истекот на рокот од Член 90 во врска со Член 88 од Уставниот закон за Уставниот суд на Република Хрватска, ќе биде под строг надзор на Уставниот суд.

Ако утврди дека учесниците на изборите постапуваат спротивно на Уставот или на законот, Уставниот суд ќе ги користи овластувањата од Член 89 од Уставниот закон за Уставниот суд на Република Хрватска, од информирање на јавноста до поништување на сите или на одредени изборни активности и одлуки, почнувајќи од постапката за кандидирање па натаму.

То значи дека, ако Милановиќ и СДП дејствуваат спротивно на ова предупредување, судот може во краен случај да ја поништи одлуката на Милановиќ за распишување избори.


По предупредувањето што му го испрати Уставниот суд, Милановиќ се јави со кус коментар во пост на „Фејсбук“:  „Доаѓаат реките на правдата!“

Милановиќ  ја употреби истата порака при објавувањето на својата кандидатура, а можно е со повторувањето на таа предизборна порака да му порачува на Уставниот суд дека нема да се откаже од кампањата за парламентарните избори.

Слични содржини