Вирусот не запира, денови се во прашање кога ќе стигнат вакцините

од Берта Китинска

С.Македонија одново преговара со кинеските власти, а се размислува и за руската „Спутник“ .

Премиерот Зоран Заев рече дека очекува позитивен сигнал од Кина во врска со вакцините, иако беше повлечен авансот заради незавршената процедура во таа земја.

-Не можеме да си дозволиме пари да лежат во оваа земја додека не се заврши постапката. Ќе чекаме прво да се заврши работата, па потоа да ги уплатиме парите. Денеска очекувам позитивен сигнал или информација од Кина за веднаш да ја почнеме таа постапка. Има и втора постапка за набавување 200.000 вакцини, а формализирани се и постапките за руската вакцина „Спутник“, рече Заев.

Земјата треба да добие 200 илјади вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Покрај очекуваните количини преку системот Ковакс, во тек се разговори за набавка и на 100 илјади дози од руската „Спутник V“.

Вакцината „Фајзер“ која требаше да биде нарачана директно од производителот, веќе не се споменува.

Микробиологот, Никола Пановски смета дека ќе треба да ги фрлиме вакцини затоа што пријавени се само 110 илјади граѓани.

„Се на се е најавено дека во земјава ќе стигнат 1,4 милиони вакцини во текот на 2021 година, што значи дека околу 700.000 граѓаните би се вакцинирале. Оваа бројка на 110 илјади пријавени граѓани е премногу. Ако вака остане, ако не се свеста луѓето, ќе треба да фрлиме. Тоа е мала бројка на пријавени“, вели микробиологот, за емисијата „Само вистина“.

Епидемиологот Драган Даниловски смета дека населението треба веднаш да се вакцинира.

„Населението треба веднаш да се вакцинира, ни треба што повеќе колективен имунитет со британскиот вид на коронавирусот, затоа што побрзо се шири и прави проблеми во општеството. Ако наскоро не добиеме вакцини, ќе мора рестрикции“, истакна Даниловски.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 103.020, бројката на оздравени пациенти е 91.507, на починати е 3.144, а бројот на активни случаи изнесува 8.369.

Дали ќе има нови рестриктивни мерки поради ширењето на британскиот сој на коронавирусот во земјава ќе се знае до петок.

Слични содржини