Вирусот забрзано се шири: Бројките на новозаразените не значат ништо, ако не се следат контактите

од Берта Китинска

Kоронавирусот забрзано се шириниз земјава. Според Институтот на јавно здравје  во периодот од 19 до 25 октомври годинава, пријавени се 84 смртни случаи од 24 градови, што е зголемување од 71,4 отсто во однос на една недела претходно.

Според македонските здравствени власти, во овој момент полициски час не е решение за справување со корона-кризата.

-Jа пратиме ситуацијата, се фокусираме на трансмисијата во градинките и училиштата, во случај да треба да препорачаме затворање во некоја од општините ако има таква трансмисија, но засега нема. Затоа сметам дека овој пакет на мерки што го имаме заедно со оние законски измени во Собранието е така димензиониран за да може да функционираат граѓаните, а сепак да биде ставен приоритет на заштита на јавното здравје. Полицискиот час не е трајно решение. Таму каде што мерките не се почитуваат пак ќе има раст на бројките, рече министерот за здравство Венко Филипче .

Тој прашан зошто не се воведоа препораки и засилени рестрикции во најзагрозените општини рече дека за да се преземат одредени мерки не се важни само бројките, туку дека од големо значење се сите податоци кои се даваат во епидемиолошките анкети, од тоа каква е клиничката слика, дали се трансмисиите ограничени, дали станува збор за кластери, па и податоци каде и како се заразиле.

-Бројката на новодијагностицирани пациенти од вкупните тестови не значи ништо, затоа што многу се битни епидемиолошките анкети. Каде се луѓето заразени, дали е ограничен кластер, во каква состојба се дали им треба хоспитализација, рече Филипче и додаде дека податоците од тие анкети укажувале дека зголемената трансмисија е резултат на групирањата и оти заради тоа и вака се димензионираат мерките.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 27827, бројката на оздравени пациенти е 19479, на починати е 949, а бројот на активни случаи изнесува 7399.

 

 

Слични содржини