Влада: ПЦР тестовите за вработените се набавени по најниска можна цена

од Nikola Popovski

Владата излзе со соопштение во врска со написите за набавката на ПЦР тестови од страна на Службата за општи и заеднички работи за вработените во Владата на Република Северна Македонија.

Од прес-службата укажуваат дека тестовите се неопходни во ситуации кога членови на Владата имаат потреба од итно службено патување во странство.

„Станува збор за ПЦР тестови кои се неопходни за итни службени патувања за кои не постојат можности за закажување тест преку матичен лекар. Владата може да набави вакви тестови единствено согласно Законот за јавни набавки, што е и направено на транспарентен начин, запазувајќи ја конкуренцијата на пазарот каде главен критериум е најниската цена“, стои во соопштението.

Во него уште се вели дека од четирите компании, одбрана е најевтината понуда од 1.900 денари.

„Тендерот беше отворен за сите, и за Институтот за јавно здравје, а се пријавија само приватни лаборатории. Тестовите што ги прави Институтот за јавно здравје се бесплатни за граѓаните, но не и за институциите на државата која ги плаќа по пазарна цена“, велат од Владата.

Премиерот Заев прв пат слуша за овој договор за набавка на тестови, но уверува дека верува во начинот на работа на државните инстиуции,односно ИЈЗ.

„Не сум запознаен со ваков договор, ако има таков сигурно е со причина за подобро справување со ковид кризата. Инаку, секако, имам апсолутна доверба во ИЈЗ“, изјави Заев.

Слични содржини