ВЛЕН: Сведоштвата на Груби држат во заложништво пет партиски функционери на ДУИ

Иако веќе два месеци е во куќен притвор, партиите од албанскиот блок во државата се уште се обвинуваат за екс-вицепремиерот и неговите „сведоштва“

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Фејсбук/Артан Груби

Екс-вицепремиерот Артан Груби веќе речиси два месеци е во куќен притвор, а партиите од албанскиот блок во државата се уште се обвинуваат за него. Од ВЛЕН велат дека „жално е да се гледа како ДУИ се препелка во сопствената кал“.

-Имаа мандат во владите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вкупно цели 20 години, а освен гол популизам, нивните наводни остварувања за Албанците немаат никаква реална политичка тежина.

Сега излегуваат на виделина сите нивни манипулации. Наместо системски и долгорочно да ги решаваат прашањата за правата на Албанците тие ни оставија во наследство фалични алатки кои биле само параван за криминалното богатење на функционерите на ДУИ.  Крајно потценувачки и многу ефтино изгледа тезата дека се почитува Охридскиот Рамковен договор, се исполнуваат ЕУ перспективите и се одржува и унапредува стратешкото партнерство со САД, само кога ДУИ е дежурен партнер во сите Влади. Овој наратив е очајнички обид на Ахмети да остане политички релевантен, стои во партиското соопштение.

ВЛЕН истакнува дека Груби, како „црна кутија на ДУИ“ држи во заложништво минимум пет актуелни партиски функционери.

-Поради ова потценување на интелигенцијата на Албанците и овој долгогодишен манипулативен однос, ДУИ ја плати цената на локалните избори, но очигледно сѐ уште не ѝ доаѓа памет. ВЛЕН веќе дава вистинска лекција за тоа како се третираат и решаваат прашањата од висок интерес за Албанците, порачуваат од коалицијата составена од неколку партии од албанскиот блок во Македонија.

По повеќе од една година отсуство, Груби се врати во земјата кон крајот на февруари, а осомничен е заедно со поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, во случај поврзан со набавка на ВЛТ апарати. Проценките на МВР се дека државниот буџет е оштетен за над 8 милиони евра.

Многу прашања отвори образложението на Јавното обвинителство во кое објасни зошто била донесена одлука затворскиот притвор за Артан Груби да биде заменет со куќен притвор. Јавноста се уште не доби одговори.