ВМРО-ДПМНЕ бара поништување на Законот за попис, за СДСМ тоа е несериозно

од Берта Китинска

Несогласувањата околу методологијата и законот за попис продолжуваат помеѓу власта и опозицијата.

ВМРО-ДПМНЕ вчера до Собранието ги достави потписите и записниците од иницијативата за донесување  закон за поништување на Законот за попис.

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати укажавме дека имаме лош закон, штетен закон, што нема да ја прикаже реалната состојба на жители во Македонија. Затоа, и преку Собранието поднесовме четириесетина суштински амандмани со коишто требаше да се подобри текстот на законот. За жал, сите амандманибеа  одбиени.Ја повикуваме власта да се одважи и да го одложи пописот за 2022 година, да направат забелешки во текстот на законот и да го подобри за да може да имаме онаков попис каков што е потребен за развој на државата, бидејќи сегашниот текст на законот за попис нема да донесе ништо што е различно од она што го имаме ние како државјанства во Република Македонија“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, изјавија дека нема да успеат обидите на ВМРО-ДПМНЕ да го закочи овој процес важен за граѓаните и за иднината на државата.

– ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се однесува несериозно кон важни прашања како што е најобемната статистичка операција – пописот. Законот за попис, кој денеска ВМРО-ДПМНЕ го оспорува, се подготвува од март 2018 година, а пред да влезе во собраниска процедура во него беа вградени забелешки на опозицијата, а активно вклучени и консултирани беа и експерти, реагираше СДСМ преку партиско соопштение.

Статистичката операција планирано е да се спроведе во првата половина на април годинава.

Слични содржини