ВМРО-ДПМНЕ го осуди поклонувањето на Левица на гробот на Енвер Хоџа

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ ја осуди посетата на Левица и положувањето цвеќе на гробот на албанскиот комунистички лидер, Енвер Хоџа, по повод 38-годишнина од неговата смрт.

Според најголемата опозициска партија, станува збор за величење на човек познат по тортурата и изразена недемократија и кршење на човекови права.

-Привезокот на власта, фолирантот Апасиев не може во исто време да се поклонува на Енвер Хоџа, и да го бара родното место на Гоце Делчев. Шизофрената позиција водена од дневните потреби на власта за ПР, Апасиев го одведе до таму да го слави комунистичкиот диктатор. Можеби ДУИ и СДС како наследници на комунистите се чувствуваат задоволни што поранешниот советник на СЈО Апасиев е вреден обожувач на нивната идеологија, но ова нема врска со демократски вредности и само ја опишува специфичната состојба во која се наоѓа власта. Ги повикуваме ДУИ и СДС да го осудат ваквиот чин на нивниот коалициски партнер и спаринг играч Левица.

Со ова Апасиев и Левица докажаа дека нивната политика и идеологија е тортура врз сопствениот народ и поддржуваат насилни методи на цензура и насилно владеење, како што всушност владеел и самиот Енвер Хоџа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Левица велат дека под четиридецениското владеење на Хоџа, „Албанија, која беше оставена во руини после укинувањето на монархијата, зачекори кон изградба на нови темели: беше изградена првата железничка пруга на нејзина територија, земјата почна со забрзана електрификација, беа искоренети низа епидемиски болести, стапката на писменост беше зголемена од 5% на 90%, државата стана земјоделски независна земја преку колективизација на плодното земјиште, а беше извршена и радикална секуларизација на религијата“.

-Тој водеше беспоштедна борба против локалните великопоседници, клерот и племенските старешини, кои го држеа народот во класна потчинетост и незнаење. За време на неговиот живот успеа да ја трансформира Албанија од полуфеудален вилает на Отоманската империја во индустријализирана планска економија, соопштија од партијата на Апасиев.

Енвер Хоџа се смета за диктатор кој ја ставил Албанија во политичка и економска изолација. Во негово време Албанија била една од најсиромашните земји во светот, поголемиот дел од населението живеело на работ на сиромаштијата.

Слични содржини