Во затвор не може да оди оној кој за лична рекреативна или медицинска употреба консумира канабис, велат од Владата

од Nikola Popovski

Од Владата денес соопштија дека личната рекреативна употреба на канабисот не е кривично дело, но праксата покажува дека на терен постојат нејаснотии или злоупотреби и имаме ситуации кога лица кои користат канабис за лична употреба се теретат за наводна намера за продажба.

Од Владата очекуваат во измените на КЗ кои се во тек, експлицитно да се потврди со јасна формулација дека личната употреба не е кривично дело, односно дека во затвор не може да оди оној кој за лична рекреативна или медицинска употреба консумира канабис.

Владиниот портпарол Душко Арсовски денес дополни дека европското знаменце на законот е затоа што во неговиот текст се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и Совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции.

„Тоа се единствената конвенција за Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972. Исто така со Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година, како и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година“, потенцираше Арсовски.

Со предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели, така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека преку ваквиот вид на инвестиции ќе се отворат нови работни места со високи плати. Тој смета дека со секој ден одложување на Законот за контрола на опојни дроги се губат пари за квалитетни намени.Производителите на канабисм пак, сметаат дека ако се развие правилно економски оваа индустрија, С. Македонија може да живее само од оваа гранка.

Слични содржини