Вучиќ од Охрид: Не ја потценувајте нашата одлука и желба да се зближиме и да соработуваме

од Берта Китинска

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од Охрид, каде што учествува на Самитот „Отворен Балкан“ изјави дека тоа е одлична иницијатива која е во интерес на граѓаните и оти таа не е замена за ЕУ.

Тој посочи и дека е најгласниот поборник ЕУ да ги започне преговорите со Северна Македонија и Албанија, да се залага за тоа насекаде и оти не само што нема проблем со тоа, туку напротив, смета дека тоа е страшно важно за Скопје, Тирана и за граѓаните на тие две земји.

-Но, ние не велиме дека тоа што го правиме ќе донесе повеќе придобивки, но сигурно ќе донесе придобивки за сите. Тоа не е замена за ЕУ, ниту пак е некое друго кафе…тоа е посебна иницијатива која овде носи соработка меѓу народите и државите, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Отворен Балкан е „извонредна иницијатива, во интерес на граѓаните, од која имаме само корист и никој не може ништо да каже против тоа“.

-Не ја потценувајте нашата одлука и желба да се зближиме и да соработуваме, ако тоа е од наш интерес, рече Вучиќ, истакнувајќи дека бројките за економската соработка меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија растат, што значи дека некои луѓе живеат од тоа и ги прехрануваат семејствата.

-Да не зборуваме за размена на земјоделски производи, индустриски производи, услуги… Тоа е важно за нас. Им благодарам на сите во светот што се грижат, што и посакуваат добро на иницијативата, но таа е наша иницијатива, на нашите народи и јас сум горд на тоа. Тоа е нешто што ни припаѓа нам, дополни Вучиќ.

Претседателот на Србија изјави дека сите се добредојдени во иницијативата „Отворен Балкан“, вклучително и Приштина.

Слични содржини