Заев: Глигоров е најзаслужниот што ја испративме ЈНА без ниеден испукан куршум и жртва

од Nikola Popovski

„Со денешното одбележување на годишнината од смртта на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, влегуваме во годината во која ќе го одбележиме историскиот настан – 30 години од референдумот за независност и 30 години самостојна државност“, објави денес премиерот Зоран Заев.

Според него, Глигоров стави силен личен печат на спроведување на референдумот за независност, на донесувањето на новиот Устав на независната македонска држава, и беше во првите редови на битката за демократска преобразба и внатрешна консолидација на земјата и нејзина меѓународна афирмација.

„Како жив споменик на цела епоха, тој поврза два историски настани за конечно дефинирање на македонска државност – АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991 година. Глигоров е меѓу најзаслужните што Република Македонија беше единствена држава од поранешна СФРЈ која ја испрати ЈНА со потпишан договор, без ниеден испукан куршум и жртва“, истакна премиерот.

Делегација на Владата предводена од министерот за правда Бојан Маричиќ и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска положи цвеќе на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров, во алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје.

Слични содржини