Заев ја пресели референдумската кампања од Македонија во Стразбур

од desk4

Македонскиот премиер Зоран Заев е приврзан кон ЕУ и НАТО. Со новото име, неговата земја ќе успее да стане членка. Европскиот Парламент ја поддржува неговата кампања за убедување на гласачите. Од Стразбур, Бернд Ригерт.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас и македонскиот премиер Зоран Заев, во период од само два дена говореа пред пленумот на Европскиот Парламент. Обајцата политичари, кои по 27 години сакаат да го надминат спорот меѓу нивните земји за името, пледираа во парламентот за компромисот кој го изнајдоа во јуни. Во моментов земјата се нарекува Македонија, но меѓународнo е позната под кратенката БЈРМ (Фиром). Во иднина треба да се вика „Северна Македонија“. Македонскиот премиер Заев во неговиот настап во Стразбур гледа „јасна поддршка на Европскиот Парламент за нашата европска иднина“. Неговиот грчки колега Ципрас за решението веќе обезбеди мнозинска поддршка во грчкиот парламент. Во Македонија на 30 септември ќе се одржи референдум, кој сепак не е правно обврзувачки.
Нејасно е дали мнозинството Македонци ќе ја поддржат промената на името на нивната земја. Оттука, настапот на Заев беше дел и од неговата кампања за гласањето.

Македонскиот премиер може да биде сигурен во поддршката на повеќето европски пратеници. За нив е најважно што досегашната Фиром со новото име конечно ќе може да стане членка на ЕУ и НАТО, без противење од Грција. Според претседателот на парламентот Антонио Тајани, со новото име Северна Македонија земјата ќе направи клучен исчекор кон НАТО и ЕУ. „Стабилноста на Балканот е од клучно значење. Македонија може да смета на поддршката на Европскиот парламент“, рече тој.

Меркел, Могерини и Матис се залагаат за „За“

Поддршката за социјалдемократскиот премиер не доаѓа само од европските институции, туку и од конзервативната германска канцеларка Ангела Меркел. Таа отпатува за Скопје на Денот на македонската независност, 8 септември, и ги повика граѓаните да гласаат на референдумот, а со тоа и за Европа.
„Верувам во позитивен исход“, рече Меркел.

На тој начин таа се постави контра конзервативната опозициска партија во Македонија (ВМРО-ДПМНЕ) која и припаѓа на групата Европски народни партии- исто како и ЦДУ на Меркел.

Како помагач во кампањата, денеска во Македонија е и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. За викенд во Скопје се очекува американскиот министер за одбрана Џејмс Матис. САД стравуваат дека Русија би можела да се вмеша во референдумот. Москва ги отфрла таквите обвинувања.

извор: ДВ

Слични содржини