Заев-Вархеји: ЕУ е нашиот пат, а европеизацијата е нашата агенда

од Nikola Popovski

Премиерот Зоран Заев денеска го прими еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, кој во рамките на неговата балканска турнеја организирана по повод испораката на првите вакцини против КОВИД-19 како помош од ЕУ за Западен Балкан, денеска пристигна во Северна Македонија.

На средбата, која се совпадна и со пристигнувањето на првите количини од 4.850 дози од одобрените вкупно 119.213 вакцини „Фајзер“, премиерот Заев изрази благодарност за помошта во времињата на решавање на предизвиците што ги наметна пандемијата и го оцени овој гест како голема порака за европската солидарност.

Заев на средбата информираше за начинот на организација на системот за национална сеопфатна имунизација и за текот на овој процес од кој се очекува до крајот на летото да опфати голем број граѓани при остварување на колективен имунитет на КОВИД-19.

На средбата стана збор и за актуелниот миг на процесот за интеграција на нашата земја во ЕУ, при што премиерот Заев нагласи дека Северна Македонија е подготвена и отворена за изнаоѓање заедничко решение во билатералниот предизвик со Бугарија и изрази очекување ЕУ да помогне со креативни предлози за решенија.

Во насока на исполнување на европските стандарди во процесите кои се во тек, Заев ја истакна посветеноста на институциите, државата и општеството на европските реформи и ги издвои резултатите кои се особено видливи во областа владеење на правото и борба против корупцијата, додека пред очите на јавноста се случуваат неповратни процеси за справување со организираниот криминал.

Премиерот Заев изрази благодарност и за економската помош од 160 милиони евра од ЕУ, кои и беа ставени на располагање на Северна Македонија за спроведување на политиките за справување со социо-економските последици од пандемијата со кои се спасени стотици илјади работни места и се заштитени различни ранливи групи, како придонес од огромно значење во успешното економско заздравување.

„ЕУ е нашиот пат, а европеизацијата е нашата агенда“, нагласи премиерот Заев на средбата со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

Еврокомесарот Вархеји од своја страна оцени дека денешниот е голем ден што ја симболизира солидарноста на ЕУ со земјите кандидати за членство од Западен Балкан и истакна дека за Брисел е значајно што оваа поддршка ќе ја засили борбата против пандемијата. Вархеји дополни дека нешто повеќе од 119.000 дози се обезбедени и дека во ЕУ работат на обезбедување дополнителна помош за справување со ковид кризата.

Слични содржини