Заклучоци од Самитот на ЕУ за проширувањето: Северна Македонија да го забрза усвојувањето на уставните измени

од Radmila Tasevska

Европската Унија е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ја спроведе својата заложба за спроведување на уставните измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во одлуките на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, се наведува во вечерва усвоените заклучоци за процесот на проширување на Самитот на ЕУ.

– Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие измени, се наведува во документот.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, потврдувајќи ја својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на земјите од Западниот Балкан во Унијата, лидерите на ЕУ воедно повикуваат на забрзување на процес на нивно пристапување во блокот.

– Европскиот совет го нотираше дописот на Комисијата за новиот План за раст на Западниот Балкан, чија цел е да се забрза социо-економското поврзување меѓу Западниот Балкан и Европската Унија врз основа на строги услови и го охрабрува регионот да го забрза темпото на реформи поврзани со ЕУ и да ја унапреди регионалната економска интеграција преку заеднички регионален пазар, врз основа на правилата и стандардите на ЕУ, се додава во заклучоците.

Во документот се нагласува и дека Европскиот совет останува посветен на унапредување на постепената интеграција меѓу ЕУ и регионот за време на самиот процес на проширување на реверзибилен начин заснован на заслуги.

Слични содржини