Законот за нефер трговски практики да важи за сите производи, а не само за храната

од Vladimir Zorba

Дел од трговците и добавувачите сметаат дека Законот за нефер трговски практики треба да се прошири односно наместо само за храната, новото законско решение да се однесува за сите производи на пазарот.

Законот во формата во која е усвоен не е целосен велат тие, но е добра основа за во иднина уште подобро да се регулира системот на широка потрошувача кој пак директно влијае на животниот стандард, на инфлацијата, сивата економија и другите економски текови.

Посочувајки го примерот со компаниите кои имаат доминантна монополска положба на пазарот а со тоа и можност за практикување на неконкурентски поволности, Џемаил Даути од компанијата „Даути Комерц“ смета дека иако Законот ќе ја зголеми контролата на пазарот, тешко ќе стави крај на лошите практики во малопродажбата.

„Токму заради доминантната позиција на некои компании во синџирот на снабдување, законот треба да биде сеопфатен односно да се однесува за сите производи а не само на прехрамбените производи. Треба да се регулираат правилата на игра за одредени дејности и сегменти каде компаниите со некои производи имаат доминантна позиција. Досега тоа не беше регулирано. Тој што е доминантен на пазарот си бара разни неконкурентски поволности. Сведоци сме на многу моделитети на условувања кои се пракса на пазарот. Трговецот може да ги условува добавувачите дека нема да ги земе производите во случаи кога на пример добавувачот не се согласи да плаќа за место на рафтот, или ако не ја плаќа целата гондола, ако не сака да плаќа реклама во друга држава, или да организира наградна игра и др. Тоа не е манипулација туку користење на позицијата. Ова е секојдневна пракса која нема комерцијална логика. Со новиот закон, контролата ќе биде во рацете на Комисијата за заштита на конкуренција.Таа треба целиот систем правно да го регулира и сето тоа да го спроведе“, вели Џемаил Даути за „Локално“.

Дека клучната улога во имплементацијата на законот за нефер трговски практики ќе биде во рацете на Комисијата за заштита на конкуренцијата, согласни се и од Организацијата за заштита на потрошувачите, но посочуваат на два проблема, прво дека комисијата не е доволно екипирана да дејствува во случаи на примена на нефер трговски практики и второ можноста од неконтролиран раст на цените поради одложената примена на законот за шест месеци.

„Иако е ова добро законско решение , примената на законот, за што ќе почекаме , ќе покаже дали е навистина применлив во пракса , особено во делот на надзорот и водењето на постапката пред Комисијата за заштита на конкуренцијата. За времето од шест месеци би требало да се усогласат и договорите помеѓу трговците и добавувачите , при што не плаши дека за тоа време цените можат да одат нагоре , а спречувањето на нивниот раст не може да се ограничи со законот кој нема да биде веднаш во важност, туку ќе треба да се применат други механизми доколку цените почнат неконтролирано да растат со цел да се заштити стандардот на граѓаните“, објаснуваат за „Локално“ од Организацијата на потрошувачи.

Министерот за економија Бектеши пред неколку дена најави дека во случај да дојде до драстично зголемување на цените, ќе се посегне по мерки и решенија кои ќе бидат во насока на заштита на стандардот на граѓаните, но изрази увереност дека сите актери на пазарот а особено големите синџири на маркети, ќе манифестираат општествена одговорност.

Во следните 10-тина дена се очекуваат на листата од 2500 прехрамбени производи кои нема да имаат маржа поголема од 10 % свои предлози и сугестии да достават стопанските комори.Врз основа на оваа листа, треба да се усогласат договорите помеѓу добавувачите и трговците што потоа според уверувањето на Владата ќе доведе до намалување на цените на домашниот пазар.

К.В.С.

Слични содржини