Заменикот на Арсовска: Kај приватните превозници се регистрирани низа неправилности како и неисполнувањето на услугите за кои наплаќаат

од Берта Китинска

Автобусите од линиите 19, 20, 22, 53 и 54 на ЈСП денеска се обраќаат по возниот ред, но не можеме истото да го кажеме и за приватните превозници кои опериираат на овие линии. Мојот одговор не се однесува само за денешниот ден. За разлика од градските автобуси, кај оваа група на приватни превозници се регистрирани низа неправилности и нерегуларности во нивното работење, како и неисполнувањето на услугите за кои наплаќаат, вели Александар Трајановски, заменик-градоначалник на Град Скопје во разговор за „Локално“ во врска со прекинoт на приватниот превоз од „Макекспрес“ кои велат дека градот им должи половина милион евра.

Тој напоменува дека нивната техничка неисправност, саботажа на системот за следење на движењето на нивните автобуси на Градот му дава право да ја преиспита оправданоста на висината на сумата која оваа група на приватни превозници ја побаруваат како надомест за нивните услуги.

-Од субстандардните услови на автобусите, нивната техничка неисправност, саботажа на системот за следење на движењето на нивните автобуси па се до неисправност на фискалните уреди и непочитување на утврдениот возен ред. Сето ова ни дава за право да ја преиспитаме оправданоста на висината на сумата која оваа група на приватни превозници ја побаруваат како надомест за нивните услуги. ЈСП и Град Скопје во неколку наврати укажаа на овие пропусти и недостатоци, дури беше даден и рок за да се подобрат квалитетот на авотбусите и нивната техничка исправност, појаснува заменикот на Арсовска.

Во врска со упатените заканувачки пораки кои дел од вработените од приватните превозници тврдат дека им биле упатени преку СМС, дека нема да се укинат линиите „но следниот пат ако излезат на штрајк ќе бидат прекинати“, Трајановски децидно вели дека „повеќе од јасно е дека овие обвинувања и конструкции доаѓаат од иста кујна“.

-Во последно време модерни се обвинувањата за наводни заканувачки смс пораки, особено кога некој сака да изнуди наплата од Град Скопје. Повеќе од јасно е дека овие обвинувања и конструкции доаѓаат од иста кујна. Одговорно тврдам дека начинот на работа на оваа администрација не е таков. Тоа е начин на работа на некои минати времиња и раководни лица кои неодамна беа сменети од функција, појаснува заменик-градоначалникот.

За забраната на владата да се основаат ЈП за јавно осветлување, Трајановски коментира дека доколку владата се водела од принцип да се отстранат овие прескапи соработки ставајќи акцент на економска криза со цел како што вели тој да се стави контрола врз трошоците и да се работи во интерес на поевтин живот за граѓаните, „тогаш немам ништо против“.

-Има примери за јавни набавки од ваков тип по општините низ Град Скопје кои биле предмет на дискусија, но и за јавни привартни партнерства за оваа услуга за кои се смета дека ја преценуваат својата услуга. Доколку владата се водела од принцип да се отстранат овие прескапи соработки кои ги оптеретуваат буџетите на општините, и доколку акцентот е на економска криза за да се стави контрола врз трошоците и да се работи во интерес на поевтин живот за граѓаните, тогаш немаме ништо против, вели тој.

Приватните автобуси со број 19, 20, 22, 52 и 54 денеска не возеа по скопските улици, а неизвесно е и кога ќе се вратат во сообраќајот.

ЈСП должи околу 30 милиони денари на приватниот превозник „Макекспрес“, и се дури не им ги исплати, овие 5 линии кои ги возат приватните автобуси до Волково, Шуто Оризари, Идризово и с. Ржаничино нема да сообраќаат. Од компанијата велат дека не штрајкуваат, туку дека едноставно немаат пари за гориво.

Б.М.

Слични содржини