Зекири: Ќе се зголеми дефицитот ако средствата од владините антикризни мерки се прелеат на погрешна адреса и на погрешен начин

од Vladimir Zorba

Стопанската комора на северо-западна Македонија е исклучително внимателна и  резервирана во давањето оценка  за владините антикризни мерки. Нивната задршка се должи на претходното искуство за време на пандемијата кога како што велат „владата го утна голот“.

„ Овие мерки звучат многу познато за значителен број бизниси во земјата, кои за време на пандемијата одлучија да ја прифатат пружената рака на владата, но наместо да им  помогнат  се случи обратното“, вели за Локално оперативниот менаџер на СКСЗМ, Дурим Зекири.

Оттука, став на Комората е дека доколку тие средства се прелеваат на погрешна адреса и на погрешен начин, ќе се соочиме само со зголемен дефицит во буџетот и пролонгирање на конкретни проекти од кои се одземени овие средства.

Предупредуваат дека не смее да се дозволи пропаѓање на приватниот сектор поради популистички политики, а како основни аргумент во прилог на ова ги посочуваат како што велат „вештачкото зголемување на платите, неделата како неработен ден, неколкупати зголемените фактури за електрична енергија, замрзнатите цени и маржи итн“.

Новиот  пакет 26 економски мерки чија вредност се проценува на 400 милиони евра предизвика голем број реакции во јавноста. Какви се првичните впечатоци на стопанствениците и комората воопшто, со оглед на тоа дека е потребно време дел од нив да се реализираат?

-Новиот пакет на 26 економски мерки треба да се поздрави бидејќи тоа покажува дека владата има воља да работи во насока на минимизирање на ефектите од кризите кои не погодуваат едно по друго. Меѓутоа, загрижувачки е фактот што како земја сме многу реактивни и нема проактивност кога се во прашања кризите и проблемите кои беа очекувани и предвидени.

Овие 26 економски мерки од 400 милиони евра, звучат многу познато за еден значителен број на бизниси во земјата, кои во периодот на пандемијата од Ковид 19 одлучија да ја фатат пружената рака на владата, мислејќи дека ќе имаат некоја помош од нив, но сите тие субвенции за плати, компаниите кои не забележаа успех и пораст на годишниот обрт, сега ќе треба да ги вратат, а од друга страна компаниите кои забележаа пораст и успех, тие не се должни да го прават истото. Што значи дека владата потполно го “утна голот”, и наместо да се помогнат тие кои навистина имаа потреба, се случи обратното.

Што се однесува на овие мерки, сметаме дека доколку тие средства се прелеваат во погрешна адреса и на погрешен начин, ќе имаме само зголемен дефицит во буџетот, и пролнгирање на конкретни проекти од кои се одземени овие средства.

Дали сметате дека вака креираните мерки за поддршка на животниот стандард и ликвидност на компаниите, ќе успеат да го “спасат” стопанството?

-За компаниите во моментот е потребен простор за да тие оперираат и не секогаш тоа значи дека само финансиските средства се неопходни. Не може да се спаси стопанството ако нема ни денар предвиден за компаниите средни и крупни потрошувачи на електрична енергија. Компаниите имаат енормно зголемени логистички и оперативни трошоци, а истовремено се соочуваат со низа одлуки и промени кои им оневозможуваат да се прилагодат на кризата. Нашата комора секогаш повикувала да се зголемат платите но тоа да биде врз база на зголемување на продуктивноста на работната сила. Имаме вештачко зголемување на платите, недела неработен ден, неколкупати зголемени фактури за електрична енергија, замрзнати цени и маржи итн. Сите субвенции се од социјална природа, а компаниите може да ги користат кредитните линии. Над 590 илјади граѓани се вработени во приватниот сектор што е околу 75% од вкупното активно население. Ако пропадне приватниот сектор, ќе пропадне се. Не смее бизнисот да трпи поради популистички политики.

Со оглед на “тежината” на предложените мерки, логично е прашањето од каде ќе се најдат пари за тоа? Владата вели дека со помош на предложените мерки, стопанството во буџетот ќе врати 500 милиони евра. Ќе може ли бизнисот да го покрие овој трошок и да го преземе товарот ако се знае во какви услови и со какви кризи се справува?

-Ние сме сведоци на тоа дека во последно време се и сешто е товарено на грбот на бизнисот и приватниот сектор. Сите овие последни реформи, како што напоменав претходно, од скапата струја се до замрзнување на маржите, тоа е товар кој што бизнисите ќе треба да го носат и да му наоѓаат чаре.

Прашањето треба да биде, дали ќе може буџетска дупка да се пополни. А несомнено и ова ќе биде мака за бизнисот, за компаниите кои за жал во моментот се со врзани раце, а од нивните даноци кои се еден многу значаен дел од целиот процес на пополнување на буџетот, ќе се плаќаат зголемени плати на јавната администрација која за жал не е толку ефикасна. Што значи, дека нашата земја троши пари таму каде што не треба, а потоа си ги трпиме последиците и затоа имаме застој во странските инвестиции во споредба со соседните држави, а многу економии од соседството кои порано беа далеку од нашето ниво, полека но сигурно не надминуваат.

Една од мерките е намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% при промет на енергенсите а Собранието ја усвои и мерката за надолна корекција  на акцизата на горивата врз основа на берзанските цени. Колку е ова продуктивно ако го имаме предвид фактот дека цените на горивата речиси секојдневно се зголемуваат?

-Ова е позитивен чекор во смисла на тоа што доколку се намалуваат цените толку колку што е можно, сепак ќе имаа повеќе економска активност во земјата. Знаете, енергенсите особено нафтените деривати, се клучен дел од економската активност во целиот свет, вклучувајќи не и нас како земја. Но тука следува прашањето, за што служат нафтените резерви. Зошто истите не се користат за да се амортизира овој енормен скок? Зошто овој механизам за регулирање на пресметувањата во пазарот не се искористи? За што служат тие резерви ако не во вакви ситуации?

Тоа што можеме да кажеме е дека нашата земја е на сериозен тест, имајќи го предвид фактот дека сеуште трпиме некои последици од Ковид 19, а погодени сме од криза која што е многу неизвесна барем во делот на нејзиниот крај.

Компаниите треба да се поддржат и да им се дава простор да оперираат со цел да ги задржат вработените и нивната ликвидност.

Како го коментирате укажувањето на дел од трговците дека намалувањето на маржите за горивата ќе предизвика криза и блокада на целата економија и дека дел од нив веќе размислуваат да ја стопираат продажбата на горивата?

-За секоја акција од спротивна страна постои еднаква реакција. Ова треба да го имаат предвид експертите и советниците во институциите, бидејќи не можеме да ги натераме трговците со сила да работат со одредени производи. Сличен случај беше и со замрзувањето на маржите за основните прехранбени производи, каде што кај тие производи не им беше дозволено на трговците на мало и големо да ги пресметаат трошоците, што значи дека тие производи ги работеа со загуба. Ние како Комора реагиравме и на состанок со министерот за економија, најдовме разбирање од неговата страна, ја променивме таа одлука и маржите беа замрзнати во нето цена а не во бруто како што беше претходно. Тоа го направивме како Комора бидејќи постоеше ризик компаниите кои ги продаваат или дистрибуираат тие производи, да ги откажат нарачките и на крај пазарот да остане оштетен поради недостаток на истите, а како ефект, дополнително да се покачат цените.

К.В.С.

Слични содржини