Желев за „Локално“: Доколку Франција не го реши спорот со С. Македонија, чешкото претседателство воопшто нема да се фокусира на проширувањето на ЕУ со Западен Балкан

од Nikola Popovski

Македонија и Бугарија се во исчекување на финалната верзија на предлогот на француското претседателство со ЕУ за преговарачката рамка на нашата земја со ЕУ. Додека премиерот Димитар Ковачевски го одби предлогот во ваква форма, при што не се опфатени македонските барања, Бугарското национално собрание го прифати и го усвои со четири услови за влез на Македонија во Унијата, како што се ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Македонија преку нивното вклучување во Уставот како државотворен народ, дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, и европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети.

Димитар Ковачевски и Кирил Петков

Вистинското прашање е што понатаму, со оглед на фактот дека двете земји „не се на иста бранова должина“ со сегашната верзија од францускиот предлог. Бугарскиот политиколог и докторант по политички науки на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Милен Желев во разговор за „Локално“ вели дека топката е сега на наш терен.

-Мнозинството од бугарската влада во оставка, опозицијата и претседателот постигнаа консензус, кој не беше соопштен јавно и заеднички, дека таканаречениот француски предлог е најдобар досега. Така дојде на гласање во Собранието и без изненадувања беше усвоен во пленарната сала во последен можен момент од животот на 99-от кабинет во историјата на Република Бугарија. Сосема очекувано, властите во Скопје не го прифатија добро предлогот, бидејќи не добија гаранции за признавање на идентитетот и јазикот од бугарска страна. Укинувањето на ветото е огромен чекор напред за европската интеграција на Северна Македонија и Албанија. Отворањето на преговарачките поглавја за двете земји е огромна можност за целата европска заедница, која не треба лесно да се испушти, истакнува Желев.

На прашањето што доколку дојде нова Влада во Бугарија и дали ќе го прифати францускиот предлог како претходната, политикологот посочува дека „македонското прашање“ е една од причините за колапсот на власта.

-Еден од коалициските партнери Има таков народ (ИТН) го обвини премиерот Кирил Петков дека планираното укинување на ветото е национално предавство на бугарската историја и националниот интерес. Но, токму нивната министерка за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска имаше голема заслуга за победата на таканаречениот француски предлог, кој кај нас експертите го сметаат за голем дипломатски успех. Нова влада во рамките на ова Народно собрание не е невозможна, но ни претстојат нови парламентарни избори, информира Желев.

Тој смета дека единствената шанса новиот владин кабинет да го врати ветото во оваа фаза е проруската партија Преродба да коалицира со нови формации на левицата или некако национален популизам.

-Бугарската социјалистичка партија (БСП) се воздржа од гласање за таканаречениот француски предлог. Иако се наследници на Комунистичката партија, не очекувам остар пресврт од нивна страна. Нивната лојалност кон Кремљ по темата за Западен Балкан е прилично претерана од нивните политички противници, веќе речиси 20 години, заедно со црвеното знаме, родните социјалисти го веат и она на Европската унија, вели во разговор Желев.

За неколку дена завршува француското ротирачко претседателство со ЕУ и ова се последни денови за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија. Доколку сега не се искористи моментот, следна шанса ќе биде чешкото претседателство. Политикологот од Софија вели дека бугарската јавност смета дека Чешка нема толку да се фокусира на проширувањето на ЕУ во правец на Западен Балкан.

-Чешкиот амбасадор во Софија, Лукаш Кауцки, неодамна рече дека приоритетите на ова ротирачко претседателство ќе бидат фокусирани на енергетската безбедност на ЕУ и продлабочувањето на соработката со НАТО. Во оваа насока мислам и дека францускиот предлог е најдобар за Бугарија, но би додал и за Северна Македонија. Отворањето на вратата за преговори со Брисел за Скопје и Тирана би било голем успех за целиот регион. И додека некои билатерални прашања меѓу нашите соседи изгледаат нерешени, усвојувањето на флексибилни формули за одредени спорни прашања може да го донесе потребниот напредок. Не очекувам промена на бугарската позиција за таканаречениот француски предлог, но да го видиме последниот збор на Скопје, порачува Желев.

Софија

Албанскиот премиер Еди Рама е познат по својот сарказам и отворени ставови во однос на бугарското вето, па така и на последниот самит ЕУ-Западен Балкан, не пропушти да ја „пецне“ Бугарија. За политикологот, Рама е веќе јасно дека е „без влакна на јазикот“.

-Можеби е дел од неговата харизма да каже што сака. Веднаш помислувам на повеќе скандали во кои е вмешан, како што се СМС пораките со навредлива содржина до медиумите или неговото принудно отстранување од летот на Луфтханза. Сепак, ова однесување не го подобрува имиџот на Албанија. Неодамнешните напади на Еди Рама врз Бугарија предизвикаа реакција кај нашето Министерство за надворешни работи, кое го осуди недостатокот на европски вокабулар кај албанскиот премиер, велејќи: „Политичарите си заминуваат. Нациите остануваат“. Затоа верувам дека односите меѓу Софија и Тирана нема да се влошат, дециден е Желев.

Во однос на провокациите од партијата Преродба и говорот на омраза со написите „Македонија е Бугарија“ во Бугарското национално собрание, нашиот соговорник вели дека написите биле подигнати во обид да не се прифати таканаречениот француски предлог, поради тоа што таа опозициска партија е отворено против укинувањето на ветото.

-Освен што е проруска, оваа политичка формација е и крајно евроскептична. Нејзиниот лидер Костадин Костадинов отворено говори за излегување на Бугарија од Европската Унија, така што нема начин да се поддржи ниту еден чекор на Скопје кон европската интеграција. Неговото однесување никако не придонесува за добрососедските односи меѓу двете земји. Говор на омраза секогаш ќе има, но верувам дека влезот на Северна Македонија во Европската Унија ќе ги зближи луѓето од двете страни на границата. Има ли поубаво за оние што живеат во областите на Петрич и Струмица, на пример?, прашува бугарскиот политиколог.

Н.П.

Слични содржини