Ада во Белград под вода, во Хрватска се огласија сирени

од desk2

Влезот со моторни возила во дел од Белград, кај Кулата Небојша е забранет, а граѓаните се предупредени да ги тргнат возилата кои таму се паркирани, поради опасност од поплави, а велосипедската патека на Ада Циганлија е под вода, јавија српските медиуми.

Вчера, водостојот на Сава во Белград беше 473 сантиметри, а редовна одбрана од поплава почнува кога ќе стигне до 5 метри. Сите кои вчера порошетале по Ада Циганлија можеле да се уверат дека нивото е опасно високо.

Нивото на Дунав е исто високо, но далеку од алармантно.

Поради растот на водостојот на Сава во делови од Хрватска веќе со денови ситуацијата е алармантна. Сава кај Јасеновац го проби повеќедеценискиот рекорд, а утрово е на ниво од 928 сантиметри. Но, најлошото допрва доаѓа и тоа кон средината на оваа седмица, кога се очекува нивото да порасне за нови 20-30 сантиметри.

Заради водата пукнаа насипите, а Хрватската горска служба за спасување соопшти дека нуркачи во екстремни услови спречиле уривање на насипите.

Исто така, се појавиле и неколку одрони.

Драматично е и крај реката Купа, а во општината Лекеник незапирливо расте, прогласена е вонредна состојба, а се слушнале и сирени за предупредување.

И реката Одра прави проблеми кај Сисак, каде на места е излеана и во полињата.

Критично е и во Лика, а во Костајничката долина 600 луѓе се отсечени од светот и се движат само со чамци. Поплавени се 50-тина објекти, а жителите се без струја.

Борбата со водата овде трае вече седум дена.

Слични содржини