Алаѓозовски: Ревизија и наоѓање долгорочно решение за “Скопје 2014”

од Vladimir Zorba

Преголем трошок за Владата би било доколку сега се занимава со проектот Скопје 2014. Министерот за култура Роберт Алаѓозовски вели дека ова прашање сега не е приоритетно, но најави дека ќе се бара долгорочно решение по претходно извршена ревизија, информира АлсатМ.

„Ние како Министерство за култура рековме дека ќе направиме меѓународен конкурс за долгорочни решенија како да се однесуваме кон „Скопје 2014“. Ќе направиме ревизија во која што на граѓаните ќе им дадеме увид во состојбите за тоа која е цената на чинење на овој проект, кои се техничките карактеристики, колку е квалитетен материјалот со кој што е граден и која е цената на одржливост на сите овие објекти.“ – изјави Роберт Алаѓозовски, министер за култура

Новата Влада во неколку наврати уверуваше дека времето на споменици и фасади во земјава веќе е завршено. Претходно и премиерот Зоран Заев во настап на јавниот сервис рече дека поголеми зафати за овој проект нема да има, но дека би сакал „да соблече“ барем една фасада. При посетата на Грција шефот на македонската дипломатија Никола Димитров им кажа на грчките новинари дека нема да има нови споменици и преименувања.

Инаку, истражувањето на БИРН покажа дека проектот „Скопје 2014“ надмина 680 милиони евра и тоа околу 430 милиони за згради, 57 за катни гаражи, над 30 милиони евра за скулптури, плоштади и фасади како и 8 милиони за мостови. Проектот наиде на жестоки критики во јавноста, но и покрај негодувањата претходната власт предводена од Никола Груевски продолжи со силно темпо да го реализира./извор АлсатМ

Слични содржини