Албанското Министерство за надворешни работи преку соопштение до јавноста изрази загриженост за насилствата во македонското собрание.

„Таквите судири и сцени на насилство против претставници избрани од граѓаните на Македонија се неприфатливи и не се достојни за парламентарна демократија. Насилството воопшто не помага во решавање на настаната ситуација. Ги повикуваме силите за безбедност да се вклучат во зачувување на јавниот ред и безбедноста на граѓаните и на нивните претставници“, се вели во соопштението.

МНР на Албанија ги повикува политичарите да покажат умереност и да избегнат реторика што би можеле да додаде гориво во напнатата ситуација.

„Македонските граѓани очекуваат дека на кризата ќе ѝ дојде крајот што е можно поскоро и институциите ќе продолжат со нивното нормално функционирање, за соживот и за меѓуетничка хармонија, како и за евро-атлантски напредок на земјата“, велат од МНР на Албанија./МЕТА