Анкета на ИРИ: Граѓаните оптимисти за политичката ситуација и членство во ЕУ

од desk2

Голем пораст на оптимизмот во врска со политичката ситуација во земјата и изгледите за членство во ЕУ, покажуваат резултатите од анкетата на населението во Македонија што денеска ги објави Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Според резултатите, бројот на граѓани кои ја опишуваат внатрешната политичка ситуација како „мирна и стабилна“ се зголемил од само 5 отсто во март 2017 на 44 проценти во август 2017 година. Оваа промена, според ИРИ, е веројатно поврзана со неодамнешното формирање нова Влада по две години на жесток политички конфликт и несигурност. Процентот на оние кои ја опишуваат моменталната состојба како „напната и неизвесна“, пак, паднал за 18 проценти од 62 проценти во март 2017, на 44 отсто во август 2017, а бројот на оние кои ја нарекуваат ситуацијата „критична и нестабилна“ бележи пад од 22 отсто и тоа од 32 отсто во март 2017, на 10 отсто во август 2017 година.

Македонските граѓани изгледа дека се пооптимистични по прашањето за изгледите за пристапувањето кон Европската Унија. Бројот на оние кои мислат дека земјата сега е поблиску до пристапувањето во ЕУ отколку кога го добила кандидатскиот статус, скокна од 13 отсто во март 2017 година на 41 отсто. Поддршката за членството во ЕУ и понатаму е силна на 77 проценти, со подобрување за 5 отсто од март 2017 година.

– Додека претходните анкети на ИРИ одразуваа длабока вознемиреност и песимизам во врска со стабилноста и траекторијата на Македонија, резултатите од ова истражување се многу охрабрувачки, вели регионалниот директор на ИРИ за Европа, Јан Сурочак. Додава дека новата Влада треба да го препознае ова како можност да ја поврати довербата на граѓаните на Македонија и да преземе суштински мерки за решавање на прашањата кои се од најголемаважност за нив. Обновеното чувство на стабилност што се рефлектира во истражувањето, сметаат од ИРИ, може да придонело за пооптимистички поглед кон економијата.

Триесет и три отсто сега веруваат дека економијата ќе се подобри во текот на следните две години, што е зголемување за 12 проценти од март 2017. Исто така, се чини дека песимизмот во однос на квалитетот на животот во Македонија е намален, бројот на испитаници кои сметаат дека нивниот квалитет на живот се влошува, се намалил од 38 отсто во март 2017 на 24 отсто.

Анкетата била спроведена за Центарот за анкетни истражувања преку Брима, фирма за истражување. Податоците биле собрани од 4 до 21 август 2017 година преку интервјуа лице- во-лице на национално репрезентативен примерок од 1.105 испитаници на возраст над 18 години. Маргина на грешка е плус или минус три проценти на среден опсег на ниво на доверба од 95 проценти. Ова истражување е овозможено со поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

Слични содржини