Борисов: Заборавете на „големи“ држави

од desk2

Нема ништо поважно од тоа меѓусебно да се разбираме. Не се оптоварувајте со историја, живејте го животот, порача бугарскиот премиер Бојко Борисов, одговарајќи на новинарско прашање по денешната заедничка седница на владите на Бугарија и на Македонија.


Тој посочи дека имаме илјадагодишна историја и оти секој може да спори и да тврди дека е постар, но оти историчарите треба да се занимаваат со тоа. Со Заев, како што рече, сакаат да решаваат практични прашања.
Историчарите, наведе, нека се докажуваат кој, како и од што е произлезен.

– Ако направиме таков разговор, да спориме кој јазик каков е, а тука Каракачанов е многу подготвен, наместо да го потпишеме договорот за заедничка соработка, на крајот требаше со госпоѓата (министерката за одбрана Радмила Шеќеринска) тука да дојдат со по еден тенк, рече Борисов.

Тој потенцираше дека на првата средба со Заев му рекол дека треба да заборавиме на Голема Албанија, Голема Србија, Голема Бугарија, Голема Грција, Голема Македонија, зошто, посочи, колку сме помали, толку побрзо ќе постигнеме платите и инфраструктурата да ги доближиме кон оние од Западна Европа.

Истакна дека важно е граѓаните да живеат во сигурност и економска благосостојба, зошто, како што рече, несоработката води до проблеми.

– Ниту ние ќе дојдеме да живееме кај вас, ниту вие кај нас. Може да направиме подобро да живееме, додавајќи дека со пресудата против Ратко Младиќ, регионот се потсети кон каков ужас, човечки катастрофи и крвопролевање води несоработката.

– Сакаме по многу години спокојно да си го пиете кафете, во Софија или во Скопје на Вардар. И ако тогаш се сетите на нас, добро. Ако не се сетите, пак добро, рече бугарскиот премиер.

Премиерот Заев потенцираше дека договорот за добрососедство е потпишан и на бугарски јазик и на македонски јазик.

– Навистина даваме шанса помалку да зборуваме за минатото и минатите слабости, а повеќе да се фокусираме на перспективите и иднината. Убеден сум дека на тој договор, буквално треба да гледаме со радост на перспективите и знам дека тој го јакне пријателството меѓу двете земји, двата народи и тоа е од исклучително значење за сите во Република Македонија, рече Заев.

Според него, поуките од минатото и интересот за севкупни подобри перспективи на граѓаните од Македонија и Бугарија се дел од причините за брзиот тек на затоплување на односите меѓу двете држави.

– Јас сум среќен што навистина и лидерството во Бугарија предводено од премиерот Борисов имаше доволно храброст да ги направи чекорите, преку договорот, но и преку секоја спогодба, меморандум кој што го потпишуваме, заради тоа што сум убеден оти секој ставен потпис од двете страни отвора можности за конкретни придобивки на сите наши граѓани, рече Заев.

Верува дека сите учат од минатото и истакна дека граѓаните на Македонија и Бугарија се пријатели кои очекуваат само унапредување на соработката и отворање подобри перспективи, подобри плати, повисоки пензии, подобра инфраструктура./МИА

Слични содржини