Експерти: Не треба да се стравува од безбедносна криза

од desk2

Поранешниот началник во Министерството за внатрешни работи – Љубомир Ѓурчевски за Алсат М вели дека во Македонија во моментов не може да се случи голема безбедносна криза,  но сепак повикува партиите да не ги мобилизираат своите членства, а  институциите да се ослободат од притисокот.

„Ако се има во предвид мотивот на сето она што треба да се заштити од претходното владеење, тогаш не смее да се занемаруваат сите овие најави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како и членството, а особено сите оние кои после 2012-та година беа вработни во институциите, односно во  државната администрација , бројка која не е за потценување. Голем број на лица кои со несоодветни квалификации се најдоа на одредени позиции со цел и тие да си ги заштитат своите позиции се мотивирани да направат некои нарушувања на безбедноста“, смета Ѓурчевски.

Професорот  Јове Кекеновски , ги оценува како монструозни прогласите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ  Никола Груевски кој на општинските партиски комитети им порача да застанат во одбрана на националните интереси.

„Ова е уште еден доказ дека криминализираната партиска врхушка на ВМРО-ДПМНЕ води една ретроградна, монструозна политика, каде што се обидува заради лична заштита да ги вметне граѓаните  на Македонија во братоубиствена борба. Апсолутно не се работи за тоа дека е погазена волјата на граѓаните на Република Македонија, бидејќи поголем дел од граѓаните се изјасниле против таквата политика, која ја водело партиското ракодовство на ВМРО-ДПМНЕ сите овие 10 години“, вели професорот Кекеновски.

Кекеновски и Ѓурчевски повикуваат граѓаните да не наседнуваат на партиските повици, а институциите да не ги занемаруваат ваквите активности./Алсат

Слични содржини