Европската унија се обврза да им даде помош на балканските земји, како и на оние кои се во соседство на Сирија и кои се соочуваат со бегалската криза. Унијата повика и на поголема соработка со цел подобра „поделба на товарот“.

могерини1

„Мораме да ги здружиме силите за да се соочиме со проблемот што ќе продолжи и ќе биде тежок“, изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. На конференцијата „Источен Медитеран, Западно балкански пат“, посветена на масовниот прилив на мигранти и бегалци од Средниот исток учествуваа министрите за внатрешни работи и правосудство на Европската унија, Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Турција, Либан и Јордан. Могерини ги повика сите страни да пронајдат заеднички решенија за заедничкиот предизвик. „Тоа не е само европска, туку и регионална и глобална криза“, изјави таа. Во заедничката декларација, Унијата вети помош, но побара и отворање нови центри за регистрирање на бегалците, поефикасно управување на границите и поголема борба против шверцот на мигранти. Пред конференцијата во Луксембург Европскиот совет одобри дополнителни 17 милиони евра за Македонија и Србија како помош за справување со бегалската криза. „Ова е важен сигнал за континуирана европска солидарност“, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Слични содржини