Формиран Семакедонски национален совет – Македониум

од Vladimir Zorba

Македонската дијаспора формираше Семакедонски национален совет – Македониум, со цел, како што се наведува во прогласот на советот, за одбрана на македонските национални интереси.

Советот, како што се наведува, ќе биде управан од Македонци ширум светот. За претседател е избран Страшко Олумчев, додека четворицата заменици претседатели се Нестор Огинар, Никола Ставрески, Ристо Поповски – Лавот , Виолета Матијевиќ, Ицо Најдовски – Перин. Во раководството уште се и Ангелина Маркус, Љупчо Мирчевски -Трепет, Воислав Зафировски, Костадинка Ѓорѓевска и други.

„Ние Македонците не ги признаваме меѓународните, штетно потпишани договори и стратегии во име на македонскиот народ и Македонија, од страна на Владата на Република Македонија, преку кои Македонија и народот се донесени во ситуација да се бранат и да се борат за своите човечки и национални правдини“, се вели во прогласот.

Обраќајќи се до претседателите на политичките партии, особено на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, членовите на советот бараат меѓупартиски договор за безусловен прекин на преговорите за името и поднесување предлог во Обединетите нации за признавање на Македонија под уставното име, согласно повелбите на ОН.

Од советот бараат и спроведување на попис на населението во Македонија, внесување на придобивките од АСНОМ во Уставот, во делот на Преамбулата, потоа Македонија да биде една изборна единица, да се врати министерство за иселеништво, а на сите Македонци по род, по автоматизам да им се издава македонско државјанство, без оглед дали живеат во државата или надвор од неа.

Во прогласот се бара и ревизија на приватизацијата на општествениот капитал, какои и ревизија на имотите на сите македонски политичари и државни службеници од 1991 до сега и враќање на старите македонски симболи.

Досега, ваков сличен националниот совет беше формиран од македонската заедница во Србија, чиј претседател е Борче Величковски./Мета

Слични содржини