Најавата на грчкиот премиер Алексис Ципрас за референдум креираше мала паника меѓу граѓаните. Уште од 2 часот по полноќ, кусо по обраќањето на Ципрас голем дел граѓани почнаа да формираат редови пред банкоматите на банките во Атина и бензинските станици, во паника дека може да се разбудат во банки кои веќе нема да издаваат пари. Овој потег голем дел од опозициските пратеници и новинарите го оценија како директен одговор на граѓаните за предлогот на Ципрас за референдум.

pari

Во моментов нема никаков проблем со извлекување пари од банките, сите грчки банки се уште работат нормално и од сите страни се повикува на смиреност, а не паника бидејќи нема никаква одлука банките да контролираат колку средства издаваат или пак најава дека банките остануваат без пари. Првиот човек на Народната банка, Јанис Стурнарас веќе издаде наредба банкоматите постојано да се полнат со пари, со цел нивното нагло празнење да не предизвика дополнителна паника и хаос кај граѓаните.

Одлуката на Ципрас за референдум ја осудија сите опозициски партии во Грција со бурни негативни реакции. ПАСОК и Нова демократија побараа Ципрас да си поднесе веднаш оставка и да се распишат избори, а со остра критика се јави и партијата Река. Првиот човек на Река, Ставрос Теодоракис ја осуди владата на Ципрас и Панос Каменос дека се обидува да ја извади државата од ЕУ и да ја турне во бездна, коментирајќи дека сите овие месеци преговори владата покажала дека е неспособна да испреговара достоинствен договор за развој и општествена правда. Нова демократија ги обвинува СИРИЗА и Независни Грци за тајна агенда и желба државата да излезе од ЕУ и Еврозоната, додека пак лидерот на ПАСОК Фофи Генимата отворено побара Ципрас да даде оставка.

Чекорот на Ципрас голем дел од грчките аналитичари го оценуваат како многу опасен ризик и коцкање со иднината на државата. Неговиот коалициски партнер, Панос Каменос најави дека доколку институциите денес го повлечат нивниот предлог, а со тоа и притисоците за строги мерки за штедење, тогаш сѐ ќе се смени и можеби и нема да има потреба од референдум. Ваквата најава од Каменос се толкува како дел од ризичната стратегија и Грција да изврши контра-притисок на европските институции со цел во последен момент да се најде некаков компромис и да се ублажат црвените линии од двете страни и да се постигне договор.

Во која насока ќе се движат работите се очекува да се види денес по завршувањето на состанокот на Еврогрупата во Брисел.

Извор: МЕТА

Слични содржини