Хелсиншки комитет: 27 кривични дела за време на насилствата во Собранието

од Vladimir Zorba

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска излезе со Посебен извештај за идентификувани сторители и можни кривични дела сторени за време на насилствата во Собранието на 27 април.

Извештајот содржи вкупно 27 кривични дела, од кои за 17 веќе постојат значителен број на докази и 10 кривични дела за кои постои сомнение дека се извршени. Можните сторители се поделени во четири групи: 1) организатори, 2) извршители, 3) полициски службеници и 4) нивни претпоставени).
Кривичните дела произлегуваат од 8 поглавја од Кривичниот законик, а беа насочени против:
1) животот и телото,
2) слободите и правата на граѓаните,
3) имотот,
4) сигурноста,
5) државата,
6) службената должност,
7) правосудството и
8) јавниот ред.
Улогата на правосудните органи е да утврдат дали и кои од посочените кривични дела се сторени или имало обид за нивно сторување и да не дозволат погрешна квалификација, колективизирање на одговорноста и паушално санкционирање.
-Овој посебен извештај се однесува на кривични дела идентификувани преку фотографии, аудио-видео материјали и сведоштва, како и на кривичните дела за кои постојат сомненија, но сè уште не е истражено дали биле сторени и од кого. Извештајот се осврнува на повредите на права и слободи гарантирани со Уставот и санкционирани со Кривичниот законик, се вели во Извештајот.
Притоа се напоменува дека тој е наменет за информирање на јавноста, но и како алатка која на правосудните органи може да им послужи при носењето на одлуки поврзани со квалификацијата на кривичните дела и индивидуализација на кривичната одговорност при изрекувањето на казни од страна на суд.

Слични содржини