Студентскиот пленум е пример како се бори за својата иднина!

bitrakov-3

Кога граѓаните во едно општество не чувствуваат дека интелектуалците или политичките елити доволно се залагаат за решавање на нивните проблеми, тогаш тие ги преземаат работите во свои раце, вели во интервјуто за Капитал, Константин Битраков, член на Студентскиот пленум кој пред повеќе од една недела го „окупираше Универзитетот“ и одлучи да се бори за својата иднина дури и ако тоа значи студентските клупи да бидат и кревети за спиење и маси за јадење. Со зрелост несвојствена за млад студент и интелигенција што веројатно ги фрустрира повеќето интелектуалци во земјава, најдобриот студент на генерацијата 2013/2014, Битраков, вели дека тој и неговите колеги наместо да размислуваат како да избегаат од државата, решиле без отстапувања да бараат поправка на општеството во место во кое што младите ќе ја гледаат својата иднина. Интервјуто со Битраков, член на Студентскиот пленум, го направивме додека трае окупацијата на универзитетите, со цел на јавноста да и ги приближиме ставовите и размислувањата за многу зчачајни теми на новата генерација која надоѓа и која е подготвена без никакви компромиси да се бори за подобар живот и подобра иднина во Македонија

bitrakov-4

Добрата волја на власта да ги одложи реформите во високото образование не ве предомисли вас студентите да го „окупирате универзитетот“ односно да создадете „автономна зона“. Дали тоа значи дека не препознавате искрени мотиви кај – Владата за решавање на проблемите во образованието?

Непосредно по даденото ветување се јавија сомнежите во поглед на искреноста на намерите на Владата. Секако, постоеше надеж дека намерите се искрени и чесни, меѓутоа новите изјави на претставниците на Владата (Министерот за образование и неговиот Заменик) доведуваат до заклучок дека, сепак, не постои намера за отстапување од она што веќе е зацртано од страна на властите, независно од понудените аргументи и нивната издржаност. Имено, изјавата дека нема отстапка од надворешното (екстерното) испитување на студентите, како и од низа на други спорни одредби во Законот за високо образование, упатува на заклучок дека просторот за дискусија е мал, односно дека ставовите и аргументите поддржани од илјадници студенти не се доволни со цел властите во Македонија да отстапат. Поради тоа мислам дека сомнежите кои се јавуваат кај студентите се потполно поткрепени.

Постои ли можност да се најдете на половина пат, односно која е точката во која може да се постигне компромис со власта?
Во овој случај од досегашните дискусии би можело да се извлече заклучок околу тоа што е прифатливо за студентите, а тоа е отстапка од зацртаните концепти со кои се внесуваат значајни измени во високото образование, бидејќи тие се внесуваат без опсежна анализа околу нивната оправданост. Клучното барање поставено од студентите е отфрлање на целокупниот пакет измени, со истовремено насочување кон создавање на нов Закон, при што студентите од Студентскиот пленум би биле консултирани во процесот на подготовка. Единствено на овој начин се овозможува донесување на Закон кој соодветствува на потребите и целите на високо-образовниот процес, со доследно почитување на автономијата на универзитетите, како клучен концепт кој е во тесна релација со демократијата, политичкиот плурализам и развитокот на индивидуална мисла и претстава за светот.

Што е според Вас причината за ерозијата на квалитетот на високото образование во земјава и кои се според вас реформите што треба да се направат за да се скроти силното незадоволство кај студентите?
Ценам дека констатациите во поглед на падот на квалитетот на високото образование во Македонија не се потврдени со податоци добиени од релевантни извори, преку соодветна анализа. Токму поради таа причина досегашните измени и дополнувања на Законот за високо образование се арбитрарни, односно може да се рече дека се донесени врз основа на непотврдени тези. Секако, вака донесените измени и дополнувања создаваат уште поголеми потешкотии во процесот на нивна имплементација.

Единствено преку сеопфатна анализа властите во Македонија би можеле да дојдат до издржани заклучоци во поглед на квалитетот на високото образование, кои пак, треба да овозможат создавање на нов, соодветен Закон за високото образование. Текстот на тој Закон би бил изготвен со цел пресретнување на потребите на студентите, професорите, како и воопшто (на највисоко ниво) универзитетите во Македонија. На тој начин би се намалило незадоволството на сите релевантни чинители во високо-образовниот процес, а следствено би се создале услови за градење на високо образование кое ќе соодветствува на стандардите на денешницата.

Колку дисперзирањето на факултетите низ повеќето градови влијаеше да се дисперзира и квалитетот на образованието? Статистиката покажува дека иако бројот на факултети за осум години е зголемен тројно, „пазарот“ воопшто не покажа зголемена „побарувачка“ односно бројот на студенти остана ист. Кој има фајде од овие факултети ако не студентите?
Дисперзирањето на факултетите низ повеќе градови е концепт кој, доколку е недоволно обмислен, доведува до ослабување на квалитетот на високото образование. Факултетите кои се отворија ширум земјата, ги немаат ниту најосновните услови кои би биле неопходни со цел да понудат квалитетно високо образование. Првенствено, недостасуваат соодветни кадри, односно лицата кои таму се вработени предаваат низа предмети, кои би требало да ги предаваат поголем број професори. Дополнително, просториите, книжниот фонд, како и целокупните услови не овозможуваат квалитетно образование, туку придонесуваат кон креирање на високо-образован кадар без потребните познавања од научните области.

Производ на тоа што овие факултети не нудат соодветно образование се всушност статистичките податоци на кои укажувате.

Сметате ли дека власта доволно пари вложува во подобрување на студентскиот стандард? Може ли да се каже дека еден студент има солидни услови за студирање и живеење, особено ако студентот живее во некој од студентските домови?
Напротив, сумите кои се вложени со цел подобрување на студентскиот стандард воопшто не соодветствуваат на сумите кои би биле оптимални. Студентите, за разлика од нивните колеги ширум Европа и светот, немаат пристап до библиотеки кои ги содржат новите дела од извесна област, немаат електронски библиотеки, немаат ниту пак доволно средства да учествуваат на научни конференции, колоквиуми, семинари. Истото се однесува и на професорите, кои во недостаток на средства немаат можности за истражувања какви од нив се очекуваат. Сиве овие факти се причинско – последично поврзани.

Во студентските домови, како што е познато во целокупната јавност, студентите живеат во услови под секое човечко ниво. Во такви услови студентите наместо да бидат сконцентрирани на сопствено научно усовршување и надградба, тие се трудат да најдат начини како да ги задоволат основните човекови животни потреби. Состојбите во студентските домови, всушност, се апсолутно најдобар показател дека властите не издвојуваат доволно средства за подобрување на студентскиот стандард.

Пристапот во борбата за Универзитетот покажува дека ја гледате и широката слика за општеството. Дали од оваа Z“ генерација, прва родена во целосно компјутеризиран свет, и како таква, поотпорна на индоктринацијата од мас медиумите, можеме да очекуваме заложби за коренити промени во општеството? Што е тоа што треба да се реформира?
Генерациите кои сега се во студентските или, пак, средношколските клупи се израснати во свет, значајно различен од дотогаш познатиот. Овие генерации имаат пристап до огромен број податоци што само до пред една деценија било незамисливо. Таквата преплавеност со податоци и информации од една стана доведува до „зашеметеност“, поради неможноста тие да се процесираат. Меѓутоа, несомнено, постои и позитивен ефект на таквата преплавеност со податоци. Тој позитивен ефект е всушност своевидната отпорност на новите генерации кон индоктринации од мас-медиумите. Независно од тоа какви податоци се пласираат од страна на мас-медиумите, Интернетот и виртуелниот свет секогаш овозможуваат изнаоѓање на различни информации и податоци, со што се остава доволно простор за трагање по вистината и развивање на критички настроена мисла.

Има ли храброст „свежата крв“ меѓу студентските клупи да создаде или, пак, да прерасне во политичка партија со цел да се доведе до позиција од која ќе зависат реформите?
Новите генерации, несомнено, продуцираат личности со неверојатни способности, како и готовност да се борат за својата иднина. Тоа се докажа преку формирањето на Студентскиот пленум, како сплет на индивидуи со различни погледи, кои сепак изнаоѓаат начини за заедничка борба.

Претпоставувам дека меѓу тие илјадници индивидуи постојат и такви кои ќе создадат политички партии или, пак, ќе се приклучат кон веќе постоечките, со што ќе придонесат во креаирањето на политиките. Меѓутоа, токму она што овој пат е различно е тоа што студентите станаа значаен фактор при креирањето на политиките и донесувањето на регулативата, а без организирање во политичка партија. Можеби тоа е предвесник за начинот на кој би се одвивале процесите во иднина.

Јавноста има впечаток помладите генерации овде хибернираат, до првата можност да се иселат од државата. Како да се спречи „белата чума“?
Впечатоците на јавноста се целосно вистинити. Факт е дека голем дел од младите без разлика на се настојуваат да ја напуштат државата, а својата иднина да ја градат во други земји. Ваквите состојби доведуваат до пропаѓање на нашето општество. Тоа укажува на нужноста за преземање на мерки со цел задржување на младите во Македонија. Меѓутоа, говориме за длабоки и далекусежни реформи, а не за мерки кои само навидум ги неутрализираат проблемите. Властите мора да бидат насочени кон развиток на демократијата и транспарентност во процесот на донесување одлуки, владеење на правото, почитување на принципот на поделба на власта, правната сигурност итн. Само со насочување на активностите кон развивање на овие вредности би се создало општество во кое младите ќе ја гледаат својата иднина. Во спротивно, би можеле да се постигнат привидни резултати, кои на крајот повторно ќе доведат до зголемување на одливот на млади луѓе од државата.

Факт е дека интелектуалците во земјата досега не покажаа дека имаат моќ да мобилизираат за која и да е општествено потребна кауза. Што е причината за тоа? Може ли нивното држење настрана (и опортунизам), дури и тогаш кога тоа е морално недозволиво, да се оправда само со степенот на политизираност на општеството?
Интелектуалците до сега во низа наврати пропуштија можност навреме да го кренат својот глас. Причини за тоа има многу, а претпоставувам дека во тоа држење настрана голема улога има и поставеноста на односите во Македонија, односно степенот на слобода при изразувањето на мислењето.

Меѓутоа, можеби целото тоа држење настрана, односно тој генерален молк на јавната сцена, каде само мала група на индивидуи реагираше за проблемите кои постојат е главната причина што го поттикна организирањето на студентите, а потоа и универзитетските професори, средношколците и нивните наставници. Во состојба во која граѓаните на една држава не чувствуваат дека општествените проблеми се доволно истакнати од интелектуалците и политичките елити, тие прибегнуваат кон преземање на нештата во свои раце и самите се организираат со цел соочување со тие проблеми./Капитал – Александар Јанев

Слични содржини