Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ денеска потврди дека тројцата членови на Претседателството ќе ја посетат Србија на 22 јули и ќе ја прифатат подадената рака на помирување од српскиот премиер Александар Вучиќ.

izetbegovic

– По инцидентот во Сребреница неопходно е да одам во Белград и да го охрабрам премиерот Вучиќ да продолжи по патот по кој тргнал. Тој даде надеж и направи низа добри извинувања за помирување на регионот, за односите меѓу Србите и Бошњаците, меѓу Србија и БиХ, посочи Изетбеговиќ.

Тој наведе дека во Поточари, на одбележувањето на 20-годишнината од геноцидот во Сребреница имало низа безбедносни пропусти, но оти тој не бил домаќин на настанот, туку Организациониот комитет за одбележување на настанот.

Изетбеговиќ посочи дека задоцнил на церемонијата поради сообраќајниот метеж и не успеал да се поздрави со Вучиќ.

Тој додаде дека истрагата ќе покаже оти нападот врз Вучиќ не бил организиран, додавајќи оти во Поточари немало правилна безбедносна проценка.

Вучиќ во вторникот упати покана до тројцата членови на претседателството на БиХ – Младен Иваниќ, Драган Човиќ и Изетбеговиќ.

Во поканата на Вучиќ се наведува дека двете земји се „цврсто и трајно решени да ги развиваат билатералните односи и да ги решаваат сите отворени прашања со непосреден дијалог и во духот на добрососедството за доброто на граѓаните на двете држави“. /МИА

Слични содржини