Кривичниот совет ги отфрли жалбите на адвокатите за притворот на пратениците на ВМРО – ДПМНЕ во врска со настаните на 27 април во Собранието. Жалбите за Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов се отфрлени, а за пратеникот Саше Василевски, Кривичниот совет сè уште не донел одлука, информира Алсатм.
Во врска со домашниот притвор на Жаклина Пешевска и Јохан Тарчуловски, Советот ги потврди одлуките на судијата од претходна постапка. Адвокатите на Љупчо Димовски не поднесоа жалба на одлуката за притвор.
Инаку, МВР е во интензивна потрага по уште пет лица кои биле дел од насилствата на 27 април, а кои се недостапни за органите на прогонот уште од акцијата на 28 ноември. Од извори во МВР потврдуваат дека полицијата поседува информации за осомничените, но поради истражната постапка, не ги споделуваат со јавноста.
За загрозување на уставниот поредок на Македонија и на безбедноста, вкупно се осомничени 34 лица, претежно лица од ВМРО – ДПМНЕ како и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“. Истрагата за настаните на 27 април и сомневањата за организиран криминал ги води Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, но оттаму не потврдуваат дали истрагата ќе се прошири или ќе заврши само со 34 осомничени.
Обвинителниот орган не дава детали дали претресот на домовите на пратениците Трајко Велјановски и Весел Мемеди и одземање на нивните телефони, можат да дадат нови насоки во истрагата и дополнителни околности за сегашните обвинети.