Медарски: Елементи на „Велепредавство“ и „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“

од Vladimir Zorba

Адвокатот Филип Медарски за „Слободен печат“ ги анализира кривичните дела извршени при упадот во Собранието:

Се работи за исклучително комплексен кривично правен настан, во кој се извршени поголем број тешки кривични дела . При анализата за тоа за кои кривични дела станува збор, треба да се тргне од констатацијата дека се работи за „организиран напад врз Собранието“(квалификација од заедничкото сооштение на ЕУ,НАТО,САД и ОБСЕ). Значи, од кривично правен аспект има огромна разлика дали се работи за организиран напад, што е она што сите го видовме, или ескалација на мирни протести, како што тоа некој сака да го прикаже. Ако тргнеме од тоа дека се работи за организиран напад, за да видиме за кои кривични дела се работи, треба да утврдиме што е цел на таквиот напад, односно кои заштитени добра биле загрозени или повредени со нападот.

Прво, цел на нападот е највисоката институција на власта, односно законодавниот дом, а со тоа и државата. Од кривичните дела против државата, можат да се детектираат елементи на две пропишани дела, Велепредавство од член 305 и Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик. Тргнувајќи од намерите на напаѓачите, жестината на нападот, насилството, кое сите го видовме, и предизвиканите чувства на страв и несигурност кај граѓаните, поосодветна е вторава правна квалификација.

Понатаму, сите видовме дека цел на напаѓачите беше да се лишат од живот некои од присутните пратеници. Удар со железен држач со тежина од 4-5 килограми по глава, не може да има друга цел. Интензитетот и времетраењето на тепањето на г-динот Села не може да има друга цел. Тука, ако не директна, дефинитивно имаме евентуална умисла за лишување од живот. За среќа, напаѓачите не успеале во намерите и кривичното дело Убиство од членот 123 од Кривичниот законик е останато во обид.

 

Кај службените лица, односно полицајците, кој спротивно на нивната службена должност, овој напад не го спречија, имаме повеќе кривични дела од главата на кривични дела против службената должност. Одговорноста на службените лица расте согласно нивното место во хиерархијата на командување. Најголема одговорност имаат оние лица кои биле должни да издадат наредби за да го спречат организираниот напад, а тоа не го сториле.Ова под услов да не се во дослух со самите напаѓачи, ако се утврди дека постои таква врска, тие одговараат како нивни соизвршители. Несфатливо е да имаме скоро два часа жестоко насилство и тепање на пратеници во Собранието, а никој од МВР да не реагира.

Сторени се и низа кривични дела против јавниот ред и мир, од тие дела би ги издвоил Насилство од член 386 и Напад врз службена лице при вршење на работи од безбедноста од член 383 од Кривичниот законик. Сите оние кои заедно со толпата влегле во Собранието, а самите не зеле учество во насилството, сториле кривично дело Учество во толпа што ќе стори кривично дело од член 385. Доколку произлезат докази дека организираниот напад претходно бил планиран, сите кои зеле учество во ова планирање се потенцијални сторители на кривичното дело Злосторничко здружување од член 394 од Кривичниот законик. Кај сите овие кривични дела посебна улога имаат организаторите и за нив се предвидени значително потешки казни.

При изнаоѓање на вистинските правни квалификации за секој од учесниците, треба да се земе во предвид и сето она што им претходеше на настаните од критичната вечер. Така, во говорите на организаторите и учесниците на протестите и некои од политичарите од овој период, може да се откријат елементи на делото Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална,расна, врска или друга дискриминаторска основа од член 319 од Кривичниот законик.

При анализата за тоа за кои кривични дела се работи, не треба да се тргне само од реалните последици на настанот(тешко телесно повредени повеќе пратеници), туку и од потенцијалните опасности. Настанот од четвртокот имаше потенцијал да не воведе во граѓанска војна, тоа е она „играње со оган“, на што се предупредуваше.

Слични содржини