МОСТ: Отворени гласачките места, на неколку забележано доцнење и помали неправилности

од Vladimir Zorba

  Сите гласачки места на кои Граѓанската асоцијација МОСТ има набљудувачи се отворени. Доцнење е забележано на шест избирачки места, а на пет избирачки места набљудувачите на МОСТ регистрирале помали неправилности.

– Гласачките места 1565, 1566, 156/1 и 1567 во ОУ „Кирил и Методиј“ во село Злетово, општина Пробиштип, се отворени со 15-минутно задоцнување поради отстранување пропаганден материјал околу гласачкото место. Со 20 минути задоцнување е отворено гласачкото место 0887 во Чешиново-Облешево од истата причина, а со пола час задоцнување гласачкото место 0249 во општина Македонски Брод поради тоа што Избирачкиот одбор доцнел со уредување на гласачкото место, рече на денешната прес-конференција Златко Димитриоски од МОСТ.

Неправилност е забележана на гласачко место 1860 во општина Струга, каде на почетокот на гласањето Избирачкиот одбор откинал три гласачки ливчиња од кочанот заедно со серискиот број по што гласачите ги ставиле во гласачките кутии.

Гласачко ливче е откинато заедно со серискиот број и на гласачко место 0689, но тоа било ставено во плик кој бил затворен, а на гласачот му е издадено ново гласачко ливче. Направен е и записник за случајот.

Прекин во гласањето од половина час имало на гласачко место 1076 во Куманово поради тоа што не работела УВ-ламбата, а на гласачко место 1117 во Липково било забележано дека таа не се користи во сите случаи, и оти Избирачкиот одбор не реагира.

На гласачкото место 1859/1 во општина Струга гласач ги фотографирал гласачките ливчиња, ги ставил во гласачката кутија по што излегол од гласачкото место.

МОСТ денешното гласање го следи со над 2.500 набљудувачи. На гласачките места се распоредени 2.100 набљудувачи кои покриват околу 50 проценти од сите гласачки места во Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Набљудувачите на МОСТ се статични и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај овие, МОСТ има и мобилни тимови од по два набљудувачи кои повремено ќе ги набљудуваат и местата на кои оваа Асоцијација нема статични набљудувачи.

Дополнително со 81 набљудувач ќе ја разгледува работата на Општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, а од МОСТ потенцираат дека ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.

Од МОСТ потсетуваат дека во текот на денот граѓаните кои сакаат да пријават нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес тоа можат да го направат на бесплатната телефонска линија 080 080 80 или преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk

Слични содржини