МТСП: Пензиите ќе се усогласуваат два пати годишно

од desk2

Советот за социјална сигурност на денешната седница ги разгледа предлог проектите за подобрување и унапредување на социјалната сигурност и животниот стандард на корисниците на пензија во периодот 2018-2020 година и усвои неколку проекти чија имплементација ќе почне на почетокот на 2018 година, информира Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Ќе се воведе задолжително издавање на преглед за стаж и плати, со потврдени податоци во матичната евиденција, за сите работници, три години пред исполнување на услови за пензија.

– Пензиите ќе се усогласуваат двапати годишно, според порастот на трошоците на живот во висина од 50 отсто и порастот на платите во висина од 50 отсто, и ќе се разгледува можноста за дополнително усогласување доколку се бележи раст на економијата. Ќе се донесе подзаконски акт за утврдување на минимална и максимална цена на сместување во приватните установи за грижа на старите лица, како и зајакнување на контролата во овие установи. Ќе се воведат нови пакувања на лекови, како и можност за подигнување терапија на парче за хронично болните пациенти, соопшти МТСП.

За хронично болните лица, се додава во соопштението, ќе се овозможи подигнување на тримесечна терапија, а ќе се унапреди соработката со невладиниот сектор (Сојузот на здруженија на пензионери, Црвениот Крст на Република Македонија) за обезбедување социјални и здравствени услуги на старите лица.

На седницата, исто така, се утврди потребата од продолжување на проектот за бањско- климатска рекреација за пензионери, со можност за ревидирање на критериумите за упатување на користење на услугата. Во Советот за социјална сигурност членуваат претставници од: Сојузот на здруженијата на пензионерите, Црвениот Крст на Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за финансии, Министерството за економија, Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Македонија , МАПАС и двете пензиски друштва.

Слични содржини