На денешен ден: Диктаторот Антонеску пристапи кон Тројниот пакт ( Берлин – Рим – Токио)

од Vladimir Zorba

3870845_404

23 ноември 2016 година

1221.- Роден е кастилијанскиот крал Алфонсо X Учениот, кој е познат како втемелувач на законодвството, покровител на науката и знаењето, како и верски многу толерантен. Во текот на владеењето со Кастиља и Леон од 1252 година до неговата смрт во 1284 година во Телодо создаде центар за учење и место за прибежиште за многу Евреи. Со негово залагање се преведени Светото писмо, Талмудот и Куранот и напиша многу значајни дела: „Кралевски закон“, „Астролошки знаења“, „Минералогија“, а во 1270 година започна со пишување на делото „Големи и општи истории“. Го зазеде и пристаништето во Кадис на брегот на Атлантскиот Океан, со што ја заврши петвековната маварска окупација на градот.

1531.- Во Капела заврши граѓанската војна во Швајцарија со што римокатоличките области се признати како дел на Швајцарската конфедерација.

1555.- Во Хемниц умре Георг Бауер – Агрикола, германски научник кој ги постави темелите на модерната физичка геологија. Неговото дело „За металните предмети“ претставува систематска работа за рударството и за металургијата и се смета за едно од основите на овие науки. Роден е во 1494 година.

1831.- Штрајкот на лионските ткајачи прерасна во вооружено востание, на кое му се придружија и работниците од другите гранки. Тоа беше право масовно востание на работниците во услови на буржоаската монархија во Франција.

1876.- Роден е Мануел де Фалја, шпански композитор, еден од најзначајните личности на поновата шпанска музика. Неговите дела претставуваат синтеза на андалузискиот музички фолклор на францускиот импресионизам. Автор е на операта “Краток живот” и на балетите “Трогирска шапка” и “Љубовната волшебничка”. Напиша и клавирски композиции и соло песни. Умре во Алта Грација, во Аргентина, на 14 ноември 1946 година.

1881.- Роден е мексиканскиот сликар Хосе Клементе Ороско. Познат е по декорирањето на многу згради во Мексико и во САД, инспирирајќи се од индијански и мексикански мотиви.

1887.- Роден е американскиот филмски глумец од англиско потекло Вилијам Нехри Прат, познат како Борис Карлоф, кој играше во првите хорор филмови. Четири децении беше некој вид на заштитен знак на тој жанр. Филмови: „Закон на подземјето“, „Франкештајн“, „Изгубена патрола“, „Мумија“, „Чудотворец“, „Црна мачка“, „Франкенштајновата невеста“, „Терор“.

1890.- Големото војводство Луксембург се отцепи од Холаднија.

1896.- Роден е чехословачкиот лидер Клемент Готвалд кој беше претседател на Чехословачка од 1948 до крајот на животот, во 1953 година.

1933.- Роден е полскиот композитор Кжиштов Пендерецки, претставник на авангардната музика. Дела: оркестарска „Еманација“, „Кралот Иби“ и други.

1940.- Владата на Кралството Романија, на чие чело се наоѓаше диктаторот Антонеску, пристапи кон Тројниот пакт на фашистичките сили Берлин – Рим – Токио.

1944.- Со акт на Президиумот на АСНОМ е формирана Народната библиотека, денес Народна и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

1961.- Доминиканска Република го промени името на главниот град Сиудад Трухиљо во Санто Доминго.

1966.- Во Загреб умре Григор Витез, хрватски писател и преведувач, познат по своите поетски дела за младината и за децата. Познати негови дела се “Кога дрвјата би чекореле”, “Сон на борецот в зори”, “Песни” и “Вооружени рози”. Роден е во Косовец, на 15 февруари 1911 година.

1971.- Народна Република Кина го зазеде своето место во Обединетите нации откако САД, по две децении противење, се откажа од натамошното поддржување на режимот на Чанг Кај Шек, како претставник на цела Кина.

1976.- Во Париз умре Андре Марло, француски писател есеист, теоретичар и историчар на уметноста. Учествуваше во Кинеската револуција и во Шпанската граѓанска војна. Кога Хитлер ја нападна Франција веднаш беше мобилизиран, но набрзо беше заробен. Успеа да побегне од заробеништво и стана еден од најпознатите команданти на отпорот . Негови познати дела се романите “Кралски пат”, “Освојувачи”, “Човековата судбина” и најпознатото негово дело “Антимемоари”. Роден е во Париз, на 3 ноември 1901 година.

1978.- На источниот брег на Шри Ланка циклон усмрти најмалку илјада луѓе.

1980.- Во јужниот италијански град Еболи во земјотрес загинаа 2.735 луѓе.

1983.- Советскиот Сојуз во Женева ги напушти разговорите  за ограничување на вооружувањето во знак на протест поради разместувањето на американските крстечки ракети во Европа.

1991.- Претседателството на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија зазеде став објектот на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (познат како зграда на ЦК) да го предаде на располагање на македонската држава.

1994.- Големо количество на ураниум за изработка на атомски бомби е пренесено од Казахстан во САД.

1995.- Умре францускиот филмски режисер Луј Мал. Неговото дело има посебно изразена интелектуална нота. Филмови: „Лифт за губилиште“, „Љубовници“, „Приватен живот“, „Вива Марија“, „Калкута“, „Црна месечина“, „Атлантик сити“.

1995.- Целиот свет ја поздрави мировната спогодба за Босна, која ја потпишаа тројцата главни актери во Дејтонските преговори, Фрањо Туѓман, Алија Изетбеговиќ и Слободан Милошевиќ.

1995.- Советот за безбедност на ОН ги укина санкциите према СР Југославија.

1996.- Киднапираниот етиопски авион „боинг 767“, со 163 патници и 12 членови на екипажот, падна во море близу Коморските Острови затоа тоа што остана без бензин. Во несреќата загинаа 125 луѓе.

1998.- Претседателот на Република Македонија Киро Глигоров, Љубчо Георгиевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, го определи за мандатар за состав на новата влада на Република Македонија.

2003.- Претседателот на Грузија Едуард Шеварнадѕе поднесе оставка, попуштајќи пред масовните демонстрации започнати на 3 ноември, ден после собраниските избори.

2006.- Во Багдад најмалку 202 луѓе се убиени, а 250 ранети во напад на бомбаш-самоубиец.

2006.- Умре францускиот актер Филип Ноаре. Во својата 55-годишна кариера сними 125 филмови и двапати ја освои француската филмска награда „Цезар“, за најдобар глумец во 1976 и во 1990 година за улогите во филмовите „Старата пушка“, во кој играше со Роми Шнајдер, и „Животот и ништо друго“.

2007.- Умре Владимир Крјучков, последен челник на КГБ (Комитет за државна безбедност на Советскиот Сојуз). Крјучков, генерал на Советскиот Сојуз, во педесеттите и шеесетите години работеше во дипломатијата, а од 1967 година се најде во КГБ. Во август 1991 година беше член на Државниот комитет за вонредна состојба – група на партиски, воени и државни функционери, кои се обидоа да извршат државен удар со кој сакаа да ја зачуваат Советската држава. Сите беа уапсени, а Елцин ги амнестира во 1994 година. До последниот ден Крјучков тврдеше дека САД ќе настојуваат и територијално да ја разбијат Русија.

Слични содржини