„Немам леб“ vs „Nuk kam bukë“ – Уметниците ја „дешифрираат“ политиката околу двојазичноста

од Vladimir Zorba

Додека политичарите го наметнаа прашањето за двојазичноста како најгорлива тема,  Блета зборува македонски со својата пријателка Фросина без никаков проблем, а Фросина и одговара на албански. Тие велат дека често комуницираат вака  поради почитта една кон друга, а понекогаш и од забава.

Блета Абдулаи не може да верува дека во 21 век се уште се дискутира околу двојазичноста.

Фросина Пандурска Драмиканин вели дека ако човек сака, тогаш многу лесно може да најде начин да комуницира.

 

Слична комуникација имаат и двајцата актери Висар Вишка и Дарко Лешовски. Тие се другари и велат дека јазикот никогаш не бил пречка за нив. Висар потенцира дека треба да се елиминира меѓуетничката омраза, која според него е вештачки всадена од политичарите.

За Дарко  нема врска дали на албански ќе кажете “нук ка бук“ или на македонски “нема леб“, но дека главниот проблем е тоа што народот нема леб. Според него,  голем дел од младите,  без оглед кој им е мајчин јазик, ја напуштаат државата и претпочитаат да говорат некој трет јазик во потрага по подобра иднина.

Политичкиот аналитичар, Петар Арсовски оценува дека двојазичноста во Македонија, се наметна за дефокусирање на граѓаните од нивните реални проблеми во државата, поврзани со економијата, правдата, неказнивоста, слободата на говор и друго.

И покрај тоа што со недели на високо политичко ниво се расправа за и контра двојазичноста во Македонија,  дел од граѓанското општество смета дека суштинските реформи поврзани со стандардот и правдата се поприоритетни прашања. И дека односите меѓу двете најголеми заедници ќе се подобрат доколку на албанскиот јазик му се даде рамноправен  статус.

извор: тв21

Слични содржини