Османи: Патот до Брисел води преку Рамковниот договор и Законот за јазиците

од desk2

Патот до Брисел води преку Охридскиот рамковен договор и Законот за јазиците како едно од најсензитивните и најважните прашања од договорот, вели вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи во интервју за „Телма“.

Тој вели дека Законот за јазиците е со европско знаменце, што предвидува негово донесување во брза постапка, затоа што е дел од националната програма за усогласување со европското законодавство и очекува до крајот на овој месец да се најде на дневен ред во Собранието.

– По 16 години постигнавме меѓуетнички консензус преку партиите што ги претставуваат македонската и албанската заедница да најдеме начин да го усогласиме различното интепретирање на членот 5 од Уставот и последното отворено прашање од Рамковниот договор да го унапредиме – вели Османи.

Според вицепремиерот за европски прашања за донесувањето на законот нема да се чека мислењето на Венецијанската комисија околу употребата на албанскиот јазик на униформите на полицијата и на војската и на банкнотите, и додава дека доколу Комисијата оцени дека овие одредби се уставни тие ќе бидат додадени во законот, а доколку не, тие ќе бидат оставени настрана.

Османи соопшти дека очекува во наредните денови да има средба со претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на која ќе ја побара нивна поддршка за законот.

– Овој закон е одличина можност ВМРО-ДПМНЕ да го ревидира ставот во однос на Албанците. Текстот на законот е разговаран со сите политички партии и сите се запознаени со него. Очекувам наредните денови да се сретнам со претставници од ВМРО-ДПМНЕ со цел да укажам дека одредени прашања кои што се стратешки важни за државата треба да се издигнат на натпартиско ниво и за нив да биде постигнат консензуз. Се надевам дека ќе има разбирање по однос на потребата за затворање на ова важно прашање – вели Османи.

Слични содржини