Почетна / Актуелно / Осмели се, Зоране!

Осмели се, Зоране!

 

Знам дека целиот товар е врз твоите плеќи, како што знам дека на политичката ветрометина си оставен целосно сам. Наспроти тебе е класична мафија обландирана со ѓоа процедури и извртени уставни и законски толкувања, кои си ги злоупотребува како милува.

Нападнат си од сите страни – од судските инстанци подјармени на мафијата, од обвинителството на Зврлевски во служба на мафијата, од новиот претседател на Врховниот суд Вангеловски кој е во кумски врски со мафијата, од таканаречениот „шеф на државата“ слуга на мафијата, претседавачот на Собранието кој е измеќар на мафијата, од сите можни и неможни институции заробени од мафијата, од нивните скапо платени мафијашки медиуми раководени од мафијашки полит-комесари, како и од улични протести диригирани, организирани и платени од мафијата. Дел од твоите кобајаги коалициски партнери си гледаат сеир од страна и си ги делат фотелјите со мафиозите во нивната заедничка мафиотска влада.
Зборуваш за мирен трансфер на власта, се обидуваш да ја смириш ситуацијата, иако добро знаеш дека имаш работа со луѓе кои практикуваат насилие, силувајќи ги демократските процедури и заканувајќи им се на неистомислениците. По сите овие месеци ширење страв, омраза и фобии, по сите изминати недели исполнети со воени повици и закани по твојата слобода и живот, сметам дека би требало да ти бидат јасни неколку работи:
Прво, Никола Груевски нема доброволно и мирно да си замине од власта. Впрочем, тој јасно кажа дека ќе „оди до крај“, што и да значи тоа. А значи само едно – дека е подготвен да се бори до последниот клиент и заблуден граѓанин, дека е подготвен да фингира и етнички судири и да предизвика хаос. Јас знам, а верувам и ти, дека имаме работа со човек кој се бори за голата кожа и во таквата борба нема што да изгуби. Таквите луѓе се подготвени на сé.
Второ, Ѓорге Иванов нема да ти го даде мандатот за формирање влада под ниедни услови и по никоја цена. Тоа јасно го кажа во повеќе наврати. Значи, не сметај на оваа формална процедура, односно пречкртај го Иванов како некаков фактор на нормализирање на состојбите во државата и спроведување на законите. Тој е алатка на Груевски и јавно се признесе дека ќе ја дели неговата криминална судбина. Секој негов потег, секоја негова изјава е фрлање бензин во тлеечката криза во нашата земја. Иванов дефинитивно не е претседател на сите граѓани на државата и треба да се третира како таков.
Трето, не се надевај дека Трајко Вељаноски ќе ја прекине серијата бесконечни дискусии и реплики кои немаат врска со точката на дневен ред – избор на претседател и членови на Комисијата за избори и именувања. Тој е марионета на Груевски, исто како и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои со умисла влегле во спроведувањето на кривичното дело – опструкција во формирањето Влада на Република Македонија. Нивниот план е да си прават муабет сами со себе, а крајниот институционален рок за оддолговлекување им е септември оваа година.
Четврто, немој да сметаш дека протестите на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ (ГИЗЗМ) ќе издишат. Тие се педантно осмислени и организирани, а веројатно и добро платени, за да траат уште долго време. ВМРО-ДПМНЕ има и човечки и материјални, а богами и медиумски, ресурси да ги мобилизира и индоктринира онолку, колку што ќе му бидат потребни. Впрочем, веќе започна и да ги радикализира, вклучувајќи во нивните редови некакви патриотски здруженија на бричени глави и дебели вратови, со цел да демотивираат евентуални демонстрации на Шарените.
Петто, не очекувај дека Али Ахмети ќе ја повлече Платформата на албанските партии, која всушност претставува Платформа за спас на Груевски. Тој е еден од луѓето на Груевски и до последно ќе седи во неговата влада, додека под притисок на цела серија внатрешни околности и надворешни влијанија, ќе глуми твој коалициски партнер. Тој игра за Груевски и за себе и најголем непријател му е твојата визија за Македонија – држава на еднакви граѓани, бидејќи со тоа фактички се дефакторизира.
Шесто, искрено се надевам дека нема да ти падне на ум повторно да преговараш со Груевски, во некакви нови верзии на пржински договори. Работите се отидени предалеку за да може да се сведат на некакви нови компромиси. Македонија е пред својот најдраматичен избор: или – или! Или ќе зачекори по нова патека на правна држава во која ќе владее правото исто за сите, или ќе продолжи да гние под стегите на мафијашката фамилија. Како што за Груевски нема враќање назад, така и за тебе веќе нема простор за било какви натамошни отстапки.
Зоране Заев, сé што можеше да направиш за нормален, демократски, правен и мирен трансфер на власта, направи. Одеше на сите можни дебати, ја промовираше новата владина програма, даде сé од себе да ги убедиш граѓаните во твоите добри намери, конструктивни планови, развојни проекти и позитивни визии. Отсега натаму, времето ќе работи против тебе и сé поголем број луѓе ќе се прашуваат дали си способен да ги преземеш работите во свои раце. Сé поголем број од оние 700 илјади гласачи кои стојат зад твоето мнозинство, ќе се разочаруваат во твојата нерешителност.

И токму затоа, собери ги 67-те легално и легитимно избрани пратеници во некоја од собраниските сали и изберете претседател на Парламентот и мандатар кој ќе состави Влада. Ако некој ве опструира и таму, соберете се, ако треба во Паркот на Жената борец под споменикот на АСНОМ-ци. Никој не може на мнозинството народни избраници да им забрани да заседаваат и да го работат она за што се избрани.

Осмели се, Зоране. Рубикон мора да се премине. Нема да бидеш сам.

Гордана Попсимонова