Пјонгјанг: Лансиравме ракета – сега имаме дострел и до САД!

од Vladimir Zorba

   Пјонгјгјанг потврди дека извршил ракетно тестирање. Северна Кореја денеска успешно истрела нов тип интерконтинентална балистичка ракета „Хвасон-15″, која има дострел до САД, беше објавено на севернокорејската државната телевизија.

epa06356731 South Korean people watch a television displaying news broadcasts reporting on North Korea’s latest ballistic missile launch, at a station in Seoul, South Korea. 29 November 2017. Earlier in the day, North Korea launched a suspected intercontinental ballistic missile (ICBM). The long range missile crashed into Japan’s exclusive economic zone after reaching a record-high 4,000 km altitude. EPA/KIM HEE-CHUL

Тестираната интерконтинентална балистичка ракета „Хвасон-15″ може да носи нуклеарна боева глава и има дострел до целата континентална територија на САД.

Во телевизиската порака прочитана од портпарол, се вели дека ракетниот тест бил извршен по лична наредба на лидерот Ким Џонг Ун.

Ракетата е најмоќна досега, со оглед на тоа што за 53 минути прелетала 950 километри и достигнала височина од 4475 километри.

Претставници на јужнокорејската разузнавачка служба денеска, на сослушувањето во парламентот на Сеул, соопштија дека комунистичкиот Север веројатно наскоро ќе спроведе нов нуклеарен тест за атомско или термонуклеарно оружје.

Претходно, државниот секретар на САД Рекс Тилерсон го осуди истрелувањето на балистичка ракета и ја повика меѓународната заедница да испрати до Пјонгјанг едногласна порака да се откаже од развојот на оружје за масовно уништување.

Во изјавата на Стејт департментот се наведува дека САД и Канада ќе свикаат средба на земјите-членки на ОН, за да разговараат за тоа како меѓународната заедница може да се спротивстави на севернокорејската закана.

Дипломатски извори соопштија дека САД побарале вонредна седница на Советот за безбедност на ОН.

Од своја страна, јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека неговата земја го побарала истото поради уште една во низата воени провокации на Пјонгјанг.

Од мисијата во ОН на Италија, која овој месец ја предводи Советот за безбедност, соопштија дека вонредната седница ќе се одржи денеска во 15 часот, по њујоршко време.

Слични содржини