Половина час пауза во Собранието за СДСМ да вети дека ќе поддржи барем еден закон од ВМРО-ДПМНЕ

од desk2

Собранието на Република Македонија денеска ја почна 12. седница, но на самиот почеток е дадена пауза од половина час по барање на пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Паузата е побарана за да може, како што рече Милошоски, да се договорат пратениците од парламентарното мнозинство за кој од двата закона поднесени од ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат поддршка. Во процедурална забелешка Милошоски рече дека како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржат законите за стечајните работници, за зголемувањето на минималната плата и за укинувањето на радиодифузната такса, но оти бараат да биде поддржан барем еден од двата закона што ги поднесуваат тие.

– Како коалиција „За подобра Македонија“ кажавме дека за сите три закони нема да правиме проблеми, но бидејќи и ние имаме два закона кои ни се важни, а важни се и за сите граѓани, би сакале конструктивноста на опозицијата да соодветствува и за возврат да имаме даден збор за макар еден од двата закона, рече Милошоски, додавајќи дека законите ќе почнат да се применуваат од следната година и оти сега нема да имаат финансиски импликации врз Буџетот.

На дневен ред на денешната седница се законите за зголемување на минималната плата, за решавање на статусот на стечајните работници и за укинувањето на радиодифузната такса, поднесени од парламентарното мнозинство. Како законски решенија предложени од ВМРО-ДПМНЕ се законите за зголемување на платите за вработените во јавната администрација за 5 проценти и за издавање вредносни бонови – ваучери.

Слични содржини