Прекинат протестот на машиновозачите, возовите пак ќе возат

од desk2

Протестот на машиновозачите е прекинат, откако Владата прифати дел од нивните барања, а за останатите дополнително ќе се носат решенија кои ќе бидат во рамките на можнистите на државата, информираа денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

– Со Синдикатот на машинскиот персонал договорено е коефициентот на сложеност на работно место да изнесува 2,85, а висината на додатоците на плата за прекувремена работа, ноќна работа, работа за викенд ќе се исплаќаат повторно, во износ како од пред стапувањето во сила на антикризните мерки – рече министерот за транспорт и врски Сугарески.

Според вицепремиерот Анѓушев, барањата машиновозочите биле легитимни.

– Имавме подлабоки разговори со нив и ги разбравме малку пошироко проблемите со кои се среќаваат во работата. Мислам дека постигнавме солиден договор, не само сега туку и во иднина да имаме отворен разговор со сите синдикати вклучително и со Синдикатот на машиновозачите, да ги решаваме и разбираме проблемите кои ги имаат – рече Анѓушев.

Тој најави поширока дискусија за решавање на сите проблеми без оглед на кој дел од работничкиот сектор се однесуваат.

Како единствено можно решение за надминување на проблемите на ова јавно претпријатие, според Анѓушев, е обезбедувањето поголем обем на работа преку барање компаниите да го користат овој вид сообраќај за превоз на нивните суровини и производи,но и подобрување на нејзината конкурентност.

Анѓушев како решение на проблемите го посочи и либерализирањето на пазарот во секторот со тоа што инфраструктурата би останала во сопственост на државата, а во транспортот би се овозможиле повеќе превозници.

Во наредниот период, вицепремиерот најави и скенирање на преостанатите јавни претпријатија. За дел од нив, како што рече, има брзи решенија, но за некои од нив ќе треба подолг период да се најдат соодветни решенија бидејќи нема волшебно стапче со кое ќе може преку ноќ да се направат рентабилни претпријатијата кои работат со загуби.

– Можам да гарантирам, посочи, дека ќе имаме исклучително позитивен пристап кон сите претпријатија во државна сопственост и ќе се обидеме од нив да направиме профитабилни фирми – рече Анѓушев.

Застојот на изградбата на автопатот Охрид – Кичево е поради експропријација на земјиштето, изјави минситерот за транспорт и врски Горан Сугарески коментирајќи дел од интервјуто на премиерот Зоран Заев за МТВ.

– Станува збор за експропријација која што во оваа фаза се разгледува и сите можни проблеми кои произлегоа при изградбата. Се надеваме дека во најбрз рок ќе можеме на јавноста да и соопштиме за што станува збор- рече Сугарески.

Слични содржини