Разрешениот скопски муфтија Ибрахим Шабани и поранешниот генерален секретар на ИВЗ Африм Тахири со група нивни приврзаници денеска упаднаа во Исламската верска заедница.

ivz

По упадот тие соопштија дека привремено ќе управуваат со ИВЗ. Одземени се печатите на организацијата со што правно ИВЗ не може да донесува било какви одлуки.

Реисот Сулејман Реџепи во средата беше реизбран на седница која не се одржа во ИВЗ, туку во Кондово, а тој ги разреши од функциите скопскиот муфтија и генералниот секретар на исламската заедница. Разрешените бараа реисот да образложи зошто одржал тајна седница во Кондово на која незаконски се реизбрал, а нив ги разрешил.

– Раководството на ИВЗ го урна правниот систем, уставот и другите нормативни акти на заедницата. Имајќи го предвид овој хаос и последниот инцидент создаден од реисот Реџепи, по кој следеа неуставни одлуки спротивно на сите норми, Скопското муфтиство даде рок од 48 часа за подобрување на состојбата, но Сулејман Реџепи не се извини за навредите кон сопругите на имамите. Тој ги прекрши сите уставни принципи и не може да се толерира неговото однесување, изјави разрешениот скопски муфтија Шабани а денешната прес-конференција во дворот на ИВЗ.

Нагласи дека токму поради тоа од денеска ИВЗ ќе биде раководена од привремено раководство што ќе го води тој, а верницитие за се ќе бидат детално известени. Привременото раководство, како што беше посочено, ќе ги врати мирот и спокојството во Исламската верска заедница.

Беше појаснето дека денеска околу 8 часот имало инцидент пред влезот на ИВЗ кога групата предводена од Скопското муфтиство се обидела да влезе во седиштето на Заедницата. Тие наишле на отпор од вработените и редарите, при што бил употребен и електричен пиштол, а во инцидентот едно лице е полесно повредено.

Од полицијата информираат дека околу 8:30 кај нив е пријавено само собирање на граѓани пред ИВЗ кои, според нив, се незадоволни од смената на скопскиот муфтија.

Пред седиштето на ИВЗ во моментов е мирно, во зградата се приврзаници на Шабани и Тахири, а пред објектот има припадници на полицијата.

Односите во ИВЗ се проблематизираа пред една седмица откако скопскиот муфтија Шабани јавно побара реисот Реџепи да му се извини за наводните навреди. Два дена подоцна, Реџепи свика седница на Реисетот пришто едногласно беше потврдена неговата доверба и легитимност, а скопскиот муфтија беше разрешен од функцијата и испратен да биде професор во медресата „Иса Бег“ во Скопје. Разрешен и прераспореден на работно место во здружението „Илмије“ беше и поранешниот генерален секретар на ИВЗ, Тахири./МИА

Слични содржини