САД: Нема да има промена на границите на Западен Балкан

од Vladimir Zorba

Заменик-амбасадорот на САД во ОН Мишел Сисон повика на продолжување на дијалогот меѓу властите во Србија и Косово и за намалување на тензиите меѓу двете земји. За време на редовниот дебата за состојбата во Косово, кој се одржува секои три месеци, се стигна до остри спорови меѓу претставниците на Русија, Велика Британија, Кина, Србија и Косово.

Шефот на мисијата на ОН во Косово / УНМИК / Захир Тани предупреди за опасните последици кои може да ги имаат националистичките манифестации и изјави. “Во последните три месеци јавната комуникација се врати кон националистичката реторика”, рече Тани и ги осуди изјавите на албанскиот премиер Еди Рама и на косовскиот претседател Хашим Тачи за можното обединување меѓу двете земји, ако ЕУ продолжи да ги одложиува евроинтеграциите.

“Без оглед на вистинските причини за овие изјави, некои прашања од чисто академскa дебата преминаа на политичко ниво. Ваквите изјави може да го зголемат стравот и напнатоста. Треба да се прашаме какво место има слична реторика во 2017г.”, Рече уште шефот на УНМИК.

Според српскиот министер за правда Нела Кубурович Приштина  го користи дијалогот како средство за притисок и рекет спрема европските и српските партнери. Таа го постави прашањето за постоењето на српскиот народ во Косово и вели дека во изминатиот период немало никаков напредок.

“Немаме потреба повеќе од веќе познатите пораки. Имаме потреба од конкретни дела”, истакна Кубурович.

Амбасадорот на Косово во САД, Флора Цитаку, рече дека “Резолуцијата 1244” одамна е во историјата и ги повика амбасадорите да го посетат Косово и да се запознаат со ситуацијата на теренот. “Србите во Косово се привилегирано малцинство во Европа, додека албанското малцинство во Јужна Србија се наоѓа во реални маки “, рече уште Читаку.

Според заменик-рускиот амбасадор во ОН Владимир Сафронков со месеци дијалогот меѓу Приштина и Белград се наоѓа во ќорсокак. Според него, “создавањето на армија на Косово е во директно кршење на Резолуцијата 1244”. Москва жестоко ги осуди изјавите на Рама и Тачи во врска со обединувањето на двете држави. Оваа позиција беше поддржана и од претставникот на Кина.

Заменик-амбасадорот на САД во ОН Мишел Сисон ги  повика Белград и Приштина да го исполнат веќе договореното меѓу нив. “Ги повикуваме сите лидери од регионот да избегнуваат провокативни изјави и да се концентрираат на работите кои ќе доведат до напредокот на нивните земји.

Границите на Западен Балкан се дефинирани  и непроменети”, истакна Мишел Сисон.

САД и Велика Британија се спротивставија на барањето за зголемување на буџетот на мисијата на УНМИК со уште два милиони долари. Според Вашингтон составот на мисијата треба да биде намален поради напредокот кој е постигнат на Косово. Вашингтон побара извештаите на УНМИК веќе да не се прават секој трет месец, туку  два пати годишно.

Слични содржини