Вистински реформи во медиумите според стандардите на Европската унија, четирите партии потписници на ланскиот договор од Пржино, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА ветиле дека ќе прават дури после изборите. До тогаш се согласиле за преодно решение со кое контролата врз медиумскиот простор ќе ја договараат меѓусебно, информира СакамДаКажам.

sarena-revolucija-07-maj-001

Според вчера постигнатиот договор за излез од политичката криза, партиите ветиле дека реформите во медиумите ќе ги направат во рок од 6 месеци по изборите. Тогаш треба да ја изменат медиумската легислатива во линија со препораките на Прибе кои им беа дадени уште лани ова време.

За овие избори, четирите политички партии ќе се договараат и ќе изберат главен уредник на информативниот сервис на Македонската радиотелевизија со привремен рок на траење во предизборниот период. Партиите ќе ги избираат и членовите на телото за мониторирање на известувањето во предизборниот период. Тоа треба да биде една од мерките што ќе гарантираат кредибилни избори по осумнаесетемесечната политичка криза во Македонија и речиси четиримесечните протести на Шарената револуција на кои меѓу многуте барања, едно од најважните беше ослободување на медиумскиот простор.

Протестот на 7 мај оваа година Шарената револуција го организираше токму со барање за департизирање на јавниот сервис. И зградата на МРТВ беше обоена во знак на протест против партиската злоупотреба на новинарството во јавниот сервис. Тогаш беше избегнат инцидент кога демонстрантите беа испровоцирани од полицаец во цивил кој ги снимаше со камера претставувајќи се дека е камерман на една од телевизиите.

Според договорот, СДСМ како најголемата опозициска партија ќе го предложи главниот уредник на Информативната редакција на јавниот радиодифузен сервис (МРТВ), ама за него треба да се согласат и другите три партии. Договорот предвидел тој да биде експерт. Под услов и власта и опозицијата да потврдат дека има услови за фер избори, новиот главен уредник треба да стапи на функција 100 дена пред изборите.

Агенцијата за медиуми ќе воспостави ад-хок тело кое ќе го мониторира спроведувањето на изборниот законик од страна на медиумите. И членовите на ова тело ќе бидат селектирани од политичките партии.

„Во консултација со релевантните професионални организации политичките партии ќе селектираат четири членови на телото од кој најмалку еден член ќе биде Албанец. Овие четири членови со консензус ќе го изберат петтиот член во рок од 15 дена“, пишува во Договорот што вчера го постигнаа претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА./извор СакамДаКажам

Слични содржини