Шилегов: Проблемите со кои што Скопје се соочува се надминливи и решливи доколку сите се откажеме од дел од нашата удобност

од desk4

Делегации од земјава и од странство денеска положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите, на платото пред Владата на Република Македонија, во чест на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Цвеќиња денеска положи и делегација на Град Скопје, составена од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, претседателот на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мадиќ.

– Денеска кога го одбележуваме празникот на Градот, се сеќаваме на храбрите партизани кои го ослободија Скопје на 13.ноември 1944 година. Судбината сакаше и денеска да е понеделник како и тој ден. Се сеќаваме на борците од 12-та, 16-та и 3-та бригада кои од три различни страни се пробија во Скопје и со скромна опрема и обука успеаја да протераат далеку посупериорен противник. Тука треба да се издвои пожртвуваноста и одлучноста на борците од 12-та скопска ударна бригада кои ги водеа најжестоките улични борби за Железничката станица, Офицерскиот дом, Камениот мост, учителската школа и браната на Матка. На 13.ноември 1944-та, беше важно да не се дозволи туѓи војски да учествуваат во ослободувањето на идниот главен град, но заради познавањето на градот и очекуваните улични борби, беше важно скопјани да го понесат главниот товар со нивната новоформирана бригада. Овде со нас се некои од борците од 12-та скопска ударна бригада и кон нив сакам да изразам посебен восхит и благодарност. Ви благодарам за жртвите што ги дадовме за слободата на нашиот град. Важно е да се спомене улогата на диверзантските групи составени главно од млади СКОЈ-евци кои во Скопје дејствуваа зад непријателски линии и ги нарушуваа комуникациите на непријателот саботирајќи ги нивните телефонски жици, пруги, камиони… Токму овие луѓе го спасија симболот на градот – Камениот мост од уништување, а нивниот спомен – музеј на илегалната партизанска работилница за оружје со години беше затворен заради негрижа. Наскоро овој музеј повторно ќе биде отворен, а јас ќе се погрижам да биде што повидлив и попосетен. Ова е ден да се потсетиме дека војната по која што беше ослободено Скопје беше истовремено и народноослободителна и антифашистичка. Токму ова второво беше заборавено минатава деценија и Скопје дозволи повторно да биде газено од луѓе со слични вредности како оние на соработниците на окупаторот во Втората светска војна. Градот што загуби илјадници свои сограѓани во логорите на смртта и којзнае уште колку други убиени, мачени и прогонувани низ целата војна, не смее да заборави на својата антифашистичка историја и на лекциите од минатото. Ние мораме да се погрижиме фашизмот никогаш повеќе да не завладее со овој град – рече пред присутните градоначалникот Петре Шилегов.

Шилегов додаде дека е убава симболиката да се држи ова одбележување пред Споменикот на ослободителите подигнат во 1949 година, а направен од материјалот на стопените споменици на поранешните владетели на градот, за да се потсетиме дека Скопје има историја на справување со симболите на своето темно минато.

– Денес сме исправени пред слични предизвици и ни претстои процес во кој мораме принципиелно, разумно и одлучно да пристапиме кон решавањето на проблемите наследени со таканаречениот проект „Скопје 2014”. Кога зборуваме за ослободителите на Скопје, треба да се потсетиме дека некои од нив го положија својот живот пред 73 години, но и дека дел од нив, оние што го преживеаја ослободувањето, го изградија овој град. Еднаш по ослободувањето и уште еднаш по земјотресот. Тие две истории се неизбежно поврзани – Скопје – антифашистички град и Скопје – градот на светската солидарност. Денес Скопје е град со многу предизвици. Загадувањето е секако најголемиот, но има и многу други проблеми со инфраструктурата, сообраќајот, урбанизмот, зеленилото… Многу од овие проблеми се надминливи и решливи доколку сите ние сме подготвени да се откажеме од дел од нашите удобства и инвестираме во заедничката иднина. Кога велам сите, мислам и на централните и на градските и на општинските власти, и на бизнисите и на организациите и на обичните граѓани. Сите ние ќе мора да се откажеме од малку, за да добиеме повеќе. За да создадеме функционален и просперитетен град. Скопје е град кој доживеал и преживеал се’ и сешто, но секогаш успевал да ги преброди неволјите и како феникс да стане од пепелта и продолжи да живее. Скопје ќе ги преброди и денешните предизвици и ќе продолжи да расте, да се разубавува и подобрува носејќи го аманетот на оние што го ослободија и изградија овој град. Нека ни е вечен денот на ослободувањето на Скопје. Нека е вечен споменот на неговите ослободители, истакна денеска градоначалникот Шилегов.

Во името на борците – ослободители на Скопје се обрати Трајко Стаматовски, претседателот на Градскиот одбор на борците на НОАВМ кој потсети на пожртвуваноста на храбрите борци за ослободување на градот и истакна дека во борбите за ослободување на Скопје животот го положиле 398 борци, како и десетина граѓани.

Пред Споменикот на ослободителите на Скопје, цвеќиња и венци денеска положија и: делегација на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ; делегација на Советот на Град Скопје; делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија; делегација од Владата на Република Македонија; делегација од Собранието на РМ; делегација на АРМ; делегации од 12-та; 3-та и од 16-та Македонска народноослободителна ударна бригада; Секцијата на жени борци; делегации од oпштините на град Скопје, делегации на политичките партии, делегации од јавните претпријатија на Град Скопје; делегации од јавните културни установи на Град Скопје; делегации на основните и средните училишта на Град Скопје, делегација на Црвен крст на град Скопје и на Република Македонија; како и делегации на дипломатскиот кор и граѓани на Скопје.

Слични содржини