СЈО: Груевски знаел дека го прислушуваат – користел кратенки и ги предупредувал соговорниците

од desk2

Специјалната јавна обвинителка Лиле Стефанова на јавната седница во Апелацискиот суд на која се одлучува дали прислушуваните разговори може да се користат како докази во предметот „Титаник“, рече дека првообвинетиот Никола Груевски знаел дека го прислушуваат затоа што користел кратенки и ги предупредувал соговорниците. Таа рече дека „бомбите“ треба да бидат користени како доказ за заштита на јавниот интерес.

„Овие 1.063 ‘бомби’ содржат комуникација на обвинетите. Ниту еден разговор од овие 1.063 не е на штета на приватниот живот на обвинетите. Тоа е комуникација меѓу Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Никола Груевски кои не смеат да бидат третирани како приватни разговори. Никола Груевски користи кратенки и ги предупредува соговорниците да користат кратенки што укажува на тоа дека му било познато дека го прислушуваат“, рече специјалната обвинителка.

На денешната седница во Апелацискиот суд Груевски не се појави. Во судницата присутни се шест адвокати, Јанкулоска и Јанакиески. СЈО бара жалбата да биде уважена, а решението на првостепениот суд да биде одбиено и „бомбите“ да бидат прифатени како доказ.

Специјалната обвинителка Стефанова рече дека адвокатите на Груевски, Јанакиески и Јанкулоска приговарале кон обвинението и навеле дека тие се амнестирани од претседателот на државата.

Некои од помилуваните ексфункционери кои се обвинети во случаите на специјалното јавно обвинителство повторно бараат спас во одлуките за помилување дадени од претседателот на државата. Обвинетите преку адвокатскиот тим поднеле приговори до судот, во кои наведуваат дека сè уште е во сила одлуката на Иванов за помилување бидејќи сметаат дека поништувањето на аболициите не може да важи ретроактивно./Макфакс

Слични содржини