Трудницата најверојатно починала од токсичен шок, велат од штипската болница

од Vladimir Zorba

Лекарите од Клиничката болница во Штип на вчерашната прес-конференција соопштија дека, најверојатно, причина за завчерашната смрт на 26-годишната трудница од Штип е токсичен шок.

147642

Резултатите од обдукцијата треба да ја дадат вистинската причина за смртта на трудницата која завчера почина во деветтиот месец од бременоста.

Жената била примена на инфективното одделение вчера утрото, со тешки симптоми на труење и со висока температура. Претходно побарала помош од итната служба, но откако состојбата не ѝ се подобрила, се јавила кај својот матичен гинеколог. Тој веднаш ја упатил на инфективното одделение.

Состојбата, според лекарите, уште толку ѝ се влошила, па таа била препратена на гинеколошко-акушерското одделение. Во 12.30 часот бебето сè уште било живо и лекарите направиле царски рез. Меѓутоа, кога го извадиле од нејзината утроба, веќе било доцна.

– Екипа составена од повеќе лекари гинеколози и анестезиолози се обиделе да извршат реанимација, но нејзината состојба била тешка и не успеале да ги спасат ниту трудницата ниту бебето – изјави директорката на болницата, Елизабета Папарова.

Групата лекари на прес-конференцијата рекоа дека борбата за животот на младата жена и на нејзиното неродено дете, траела три часа.

Анестезиологот Ванчо Ѓорѓев изјави дека ги презеле сите мерки за да ги спасат двата животи и дека биле применети предвидените протоколи во вакви случаи.

Министерството за здравство најави формирање комисија за утврдување на околностите под кои настанала смртта на 26-годишната штипјанка./Мета

Слични содржини